Неколку пати досега, а во последните два дена два пати, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја уверува јавноста во став дека СДСМ и нивни блиски луѓе се позиционираат антизападно и антиамерикански, нешто што е невистина, зашто нема поткрепа во реалноста. Стево Пендаровски може да се напаѓа политички за повеќе прашања (од сменет став за францускиот предлог како прифатлив и добар, до сменетиот став за измените на КЗ со кои се намалија казните за корупција…), но никако не може да се нападне за антиамериканизам, затоа што за такво нешто нема ниту еден аргумент. Слично е и со нападите за промена на курсот и за антиамериканизам и на СДСМ, пренесуваме текст во целост од Вистиномер. Во соопштение/комуникациски став на ВМРО-ДПМНЕ е пласиран став кој е невистина: СДС си го покажа вистинското лице и на планот на меѓународната политика на државава. Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски од СДС, а воедно и поранешен претседател на државата предложен од СДС, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека се сврте заедно со СДС против стратешкиот партнер на Македонија, САД. Ова говори дека СДС и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале… [Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – датум: 10.03.2025] Образложение:
Неколку пати досега, а во последните два дена два пати, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја уверува јавноста во став дека СДСМ и нивни блиски луѓе се позиционираат антизападно и антиамерикански, нешто што е невистина, зашто нема поткрепа во реалноста. Поводот за најновото повторување на овој став на ВМРО-ДПМНЕ беше гостувањето на поранешниот претседател Стево Пендаровски на Сител и неговите ставови за позицијата на актуелната влада во однос политиките на САД на меѓународен план, како и ставовите на македонската влада дека Вашингтон може да помогне за одблокирање на закочените европски интеграции. Преку обвинувањата за Пендаровски, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ се транспонира и врз СДСМ, иако СДСМ станаa антиамериканци и го напуштиле прозападниот курс и кога изразија поинаков став во врска со гласањето на резолуциите во ООН во врска со Украина. Но, ако внимателно се проанализираат и поранешните и претходните ставови на Пендаровски и на оние што доаѓаат од СДСМ, може да се забележи дека нема ниту една основа за таквото тврдење на ВМРО-ДПМНЕ. Пендаровски политички може да се напаѓа во смисла дека, на пример, ја злоупотребувал Агенцијата за разузнавање (нешто за што јавноста сè уште не виде докази), дека прво бил против, а потоа го притиснале па го прифатил ставот на претходната влада на СДСМ и ДУИ за промена на уставот според францускиот предлог, може да се нападне политички и за неговата неконзистентност во смисла дека прво го бранеше, а потоа го смени ставот и ја критикуваше промената на Кривичниот законик со намалување на казните за дела поврзани со корупција, може да се напаѓа можеби и за други прашања, но никако не може да се нападне дека е анти-американски настроен и го сменил прозападниот курс, а со тоа и СДСМ, со која Пендаровски е близок.
Дали главниот став во тоа интервју за „новото нормално“, односно политиките што доаѓаат од Вашингтон и односот кон нив во Канада, Мексико и во Европа се антиамерикански? Или дали споредбата на пријателството на екс претседателот Борис Трајковски со Џорџ Буш, како и она на владата на Мицкоски со Ричард Гренел и како тоа се одразува во меѓународните односи, е антиамерикански став? Дали со позајмениот опис за сегашниот американски претседател како трансакциски Пендаровски е антиамериканец, кога така го нарекуваат, почнувајќи од врвот на Европската унија, завршувајќи со други европски политичари, па и медиуми. Доколку се пребара малку и во претходните години, ќе се утврди дека Пендаровски отсекогаш стоел на ставот дека САД се стратешки партнери на земјава и дека ни помагале и кога било најтешко и дека токму поради тоа врските меѓу Вашингтон и Скопје секогаш треба да се продлабочуваат, што може да се види тука, тука, тука, па дури и тука, каде што ставот на Пендаровски е еднакво мотивиран како и денешните ставови на Владата на Мицкоски. Исто е и со ставовите на СДСМ, дали изразени преку претседателот на партијата Венко Филипче (види тука) или преку други претставници. Она што беше повод да се нападне СДСМ дека го сменила курсот и станала антиамериканска и антизападна пред интервјуто на Пендаровски, беше интервју на еден колега новинар и неговите ставови за Трамп, како и коментарите на СДСМ за тоа како гласала С. Македонија во ООН во врска со двете резолуции за Украина. Ако се направи заокружување на погоре изреченото, може да се заклучи дека комуникацискиот став на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека Пендаровски и СДСМ станале антиамериканци и го промениле курсот, е невистина. Извор: Новинска агенција МЕТА