Како криптовалутата инспирирана од Доналд Трамп стана финансиски феномен за само неколку часа, но и предизвика етички дилеми. Додека Трамп Коин бележеше рекорден раст, Меланија Коин доживеа брз пад, оставајќи инвеститорите со големи загуби. Во далечната 2008 година на светот му беше претставена една нова виртуелна валута која што користејќи блокчејн технологија овозможуваше трансакции од корисник до корисник без централен авторитет. Таа вирутелна валута беше позната како „Биткоин“. Денес еден од најзвучните термини што го знае буквално секој човек што се занимава со оваа технологија, или само има слушнато дека е нешто што вреди илјадници долари. Само колку за споредба во 2010 година за две големи пици би ви биле потребни илјадници бикоини. Крипто светот секојдневно расте и станува поголем мејнстрим, во многу аспекти: секој ден никнуваат нови крипто валути, т.н. НФТ токени (nonfungible token – незаменлив токен), нови блокчеин технологии. Додека многу од криптовалутите покрај Биткоинот, како што се Etherium, XRP, Tether, Cardano, Pi, Solana активно се тргуваат и опстануваат, огромен број од нив завршуваат во неповрат за помалку од 24 часа. На 17 јануари 2025 година, само неколку дена пред неговата инаугурација, претседателот на САД, Доналд Трамп, изненади со објавување на две нови криптовалути – Трамп Коин ($TRUMP) и Меланија Коин ($MELANIA). Без претходна најава, ова предизвика почетен скептицизам, но неколку часа подоцна, Трамп лично го потврди проектот преку социјалните мрежи X и Truth Social, прикажувајќи карикатура на Трамп како ја крева својата тупаница – симбол на неговата издржливост по обидот за атентат во јули 2024 година.
Замислете како новиот претседател на САД направи „мим-коин“ кој што е вистински, постои. Само неколку минути по лансирањето, кога никој ништо не знае за ова, некој веднаш вложил еден милиони долари во токенот. Доколку го цитираме претседателот „мал заем од милион долари“. Шпекуклациите секогаш беа дека ова можеби е самиот Илон Маск, но се претпоставува дека е некој што точно знаел што ќе се случи со овој мим коин. Популарноста на Трамп Коин експлодираше. За помалку од 24 часа, неговата вредност порасна за неверојатни 1.010%, достигнувајќи цена од 75,35 долари, со вкупен пазарен капитал од 58 милијарди долари. Некои инвеститори веднаш вложија милиони долари, верувајќи дека коинот ќе продолжи да расте. Сепак, коинот претрпе огромни флуктуации и за кратко време изгуби повеќе од 80 отсто од својата вредност, што доведе до значителни загуби за многумина. Оваа брза флуктуација привлече критики од разни страни, при што некои аналитичари ја споредија со шема „pump and dump“, каде што раните промотери остваруваат профит на сметка на подоцнежните инвеститори. Додека Трамп Коин доби огромна поддршка, судбината на Меланија Коин беше сосема поинаква. Веднаш по лансирањето, цената на $MELANIA нагло падна за 95%, оставајќи ги ранливите инвеститори со големи загуби. Главниот проблем беше недоволната поддршка и сомнежите во врска со неговата намена. Официјалните извори тврдеа дека коинот е поврзан со хуманитарни иницијативи, но недостигот на транспарентност доведе до недоверба и масовно повлекување на средствата. Овој брз пад ја потенцираше нестабилноста на мим-криптовалутите и ризиците што ги носат.
Доколку го отворите официјалнот сајт „gettrumpmemes.com“ ве пречекува огромен портрет од Трамп. Имате опција да купите токени со вашата дебитна картичка или со друга крипто валута. Од Македонија немате пристап до ниту еден од понудите начини, но преку Виртуелна приватна мрежа (VPN) може да се продолжи понатаму. Се појавува еден интересен дисклејмер кој гласи – „Трамп мимовите се наменети како израз на поддршка и согласување со идеалите и верувањата што ги претставува симболот $TRUMP и не се наменети да бидат инвестициска можност, инвестициски договор или хартии од вредност од кој било тип. GetTrumpMemes.com нема никаква политичка поврзаност со ниту една политичка кампања, политичка функција или владина агенција.“ Како функционира Трамп коин? Трамп Коинот е Токен на „Солана блокчејнот“, и всушност коинот целосно влијае на сè што се случува на Солана. Иако двата се посебни коини, Солана доживеа огромен раст во моментот кога Трамп Мим-коинот беше најавен и претставен. Затоа сега Солана е повторно на врвот меѓу најпопуларните крипто валути. Сите мим крипто валути всушност не прават свои блокчејн технологии, туку градат на веќе постоечки. И скоро секогаш градат на технологиит кои што ги нудат „Солана“ и „Етериум“. Креаторите на Мимовите не сакаат да кодираат и прават свои технологии. Коинот е креиран од страна на истиот тим кој што ги направите првите официјални NFT-иња во 2022 година, каде што Трамп беше претставен како држи Биткоин во рака, како носи златни патики, Трамп Боксер и како е претставен дека е најдобриот на сите времиња. Моментално вкупната понуда на Трамп коин е лимитрана на 1 милијарда токени. Тоа значи дека засекогаш ќе има само 1 милијарда токени кои што ќе можат да се купат. Но, при креирање и лансирање на проектот, понудени се само 200 милиони токени. Останатите 800 милиони треба да бидат достапни за купување во текот на наредните неколку години. Главната причина зошто веднаш не се понудени сите 1 милијарда токени за купување е стабилноста, цената да не паѓа, иако тоа не функционира баш најдобро. Кој ги купува, кој ги поседува и каде одат овие токени и коини?
Според статистиките кои што се достапни на официјалниот сајт, милијарда токени се разделени на осум групи. Од овие осум групи до сега само две можат да ги користат или продаваат своите токени. Останатите ги поседуваат коиновите, но сепак се заклучени во периоди во наредните 36 месеци. Првата група е целиот тим кој што има работено на овој проект и го има креирано коинот. Првата група има добиено 36 отсто или вкупно 360 милиони токени.

Следните групи се помали тимови кои што помагале при креирање, или се тимови кои што на друг начин имаат некаков придонес за градење на мим-коинот. Затоа во сите групи посебно можат да спаѓаат маркетинг тим, промотери, јутубери, новинари, блогери… Тука спаѓаат сите групи од втората до шестата кои имаат добиено од 20 милиони до 180 милиони, зависно од групата. Овие групи се заклучени, и треба да помине одреден период додека можат да ги користат своите токени. Сепак, има две групи кои за кои што првите 200 милиони токени се на продажба уште од самото ланисрање на мим коинот. Тоа се групите за ликвидност и јавна дистрибуција.

По 3 месеци од официјалното лансирање, планирано е да се случи првото масовно отклучување на токените од првата група. Од кога ќе се случи ова, и ако се случи, на пазарот секојдневно ќе се појавуваат и ќе бидат достапни 450 илјади токени кои што ќе можат да се купуваат. За шест месеци планирано е да бидат отклучени уште повеќе коини, а за една година речиси сите.

Трамп сака да формира Криптовалтуна резерва Во март 2025 година, претседателот Трамп најави планови за создавање стратешка криптовалутна резерва на САД со цел да ја позиционира земјата како „главен крипто центар на светот“. Се предлага резервата да вклучува водечки криптовалути како Биткоин. Оваа иницијатива предизвика дебата на социјалните мрежи и на медиумите. Поддржувачите тврдат дека може да го легитимира крипто-секторот и да ги диверзифицира владините средства, додека критичарите предупредуваат на потенцијални ризици поради нестабилноста на пазарот и етичките прашања, особено во однос на можни судири на интереси. Вклученоста на администрацијата на Трамп во криптовалутниот пазар е предмет на многу критики. Исто така, постои загриженост дека овие крипто потфати би можеле да наликуваат на „Понзи шеми“, пренесувајќи го богатство кон најбогатите и истовремено поткопувајќи ја јавната доверба во финансиските системи. Извор: Новинска агенција МЕТА