Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјавија дека ги поздравуваат вестите од американско-украинските разговори во Саудиска Арабија, откако беше објавено дека Украина го прифатила американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот, кој САД сега треба да ѝ го претстават на Русија. „Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина. Топката сега е на теренот на Русија“, велат тие.
Коста и Фон дер Лајен додадоа дека Европската унија е подготвена да ја одигра својата целосна улога, заедно со своите партнери, во претстојните мировни преговори. Во меѓувреме, британскиот премиер Сер Кир Стармер исто така го поздрави „впечатливиот напредок“ во разговорите меѓу Киев и Вашингтон. „Сега сите ние треба да ги удвоиме нашите напори за да постигнеме траен и безбеден мир што е можно поскоро“, додаде тој. Се огласи и полскиот премиер Доналд Туск, кој рече: „Се чини дека Американците и Украинците направија важен чекор кон мирот. И Европа е подготвена да помогне да се постигне праведен и траен мир“.