Во гостување на ТВ24 вечерва, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, рече дека платите во Македонија ќе се зголемуваат и дека се направени „договори со синдикати кои покажале интерес за разговор и грижа кон своите членови“. Ваквата изјава на Петрушевски доаѓа во време кога власта ја оспорува репрезентативноста на Сојузот на синдикатите (ССМ), кој инсистира на зголемување на минималната плата и на покачување на платите во јавната администрација. „Оваа Влада за среќа успеа да договори со синдикати коишто имаат интерес да се грижат за своите членови, а не да водат политика, зголемување на плати и во здравството, и во образованието, сега и во полицијата, ќе има зголемување и на минималната плата, ќе има зголемување и на сите други плати во Македонија. Граѓаните да бидат спокојни, ова е само политичка игра на координирана од СДС, ДУИ и Левица“, рече Петрушевски. Лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска објави фотографија од пред зградата за законодавниот дом, на која беше сам, наведувајќи дека Петрушевски не сакал да се сретнат.
„12 часот, како што му ветив, јас на координација кај Бране, а Бране го немаше“, напиша Трендафилов на „Фејсбук“. Петрушевски вечерва рече дека Трендафилов, знаејќи дека тој е на седница поврзана со интерпелација на членовите на Судскиот совет, дошол да оствари средба со него и објавил на својот профил на социјалните мрежи дека Петрушевски не сакал да се сретнат, со што „манипулирал пред македонската јавност“. „Во живо се пренесува Собраниски канал и ова што го говорите е лага и доколку не се извините за ова може да добиете и тужба за клевета затоа што е лага. Затоа што сакате да ме клеветите и да го нарушите мојот достоинствен углед, затоа што јас од 11 часот, кога беше закажана седницата на собранието, којашто е јавна и сте можеле да видите, бев во собранието на моето работно место, а вие ниту сте влегле во собранието, ниту сте побарале средба со мене на портирница, за што има камери и докази. Значи, лажете дека сте ме побарале, лажете дека не сум бил во Собрание и затоа велам дека вие не сте ништо повеќе од опозициски портпарол“, рече пратеникот правдајќи се зошто не дошол на средбата. Петрушевски остро го нападна Трендафилов, велејќи дека тој „никогаш не бил работник“, односно дека „целиот живот е во синдикатите“ и дека ги користи привилегиите кои ги има како претседател на ССМ и е „најмалку кредибилен да говори за правата на работниците“. „Вие најмалку имате право да зборувате за работниците, а привилегиите коишто ги користите секој ден со службено возило од Велес до Скопје со шофер, со гориво платено, со репрезентации коишто ги трошите“, дециден беше Петрушевски.