Американскиот претседател Доналд Трамп се појави пред новинарите во Белата куќа, коментирајќи го украинското прифаќање на американскиот предлог за прекин на огнот, јавува „Скај њуз“. Трамп изјави дека „мисли оти ќе разговара со Владимир Путин оваа недела“, но додаде и дека „за танго се потребни двајца“.
Во заедничка изјава објавена по разговорите во Саудиска Арабија, американските и украинските претставници објавија дека официјален Киев начелно се согласил со предлогот на Вашингтон за 30-дневен прекин на непријателствата, кој сега треба да ѝ биде претставен на Русија. Трамп, исто така, рече дека се надева дека ќе има целосен прекин на огнот во наредните денови. Американскиот претседател претходно најави дека како дел од договорот со Украина, САД ќе ја одмрзне воената и разузнавачката помош за земјата, која беше запрена минатата недела.