Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески вечерва во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ рече дека главен аргумент посочен од власта за интерпелациите на членовите на Судскиот совет е недовербата, односно малата доверба од 2 или 3 проценти во правосудството.
„И ние потврдуваме дека навистина довербата во правосудството е многу ниска и сите се согласуваме дека се потребни реформи. Меѓутоа потребни се суштински, коренити, темелни реформи, реформи онака како што се предвидени реално од оценската мисија и како што се предвидени во реформската агенда, која беше подготвена од претходната влада и поднесена до Европската комисија од оваа влада и потврдена како една од најдобрите реформски агенди, рече Трајчулески, додавајќи дека во реформската агенда се содржани пакет на закони поврзани со правосудството кои треба да се донесат и кои треба да обезбедат соодветен систем кој ќе ја врати довербата кај граѓаните.
Трајчулески рече и дека владата за месец и пол од денес троши четвртина од својот мандат, односно една година, а за реформата која владата ја најавуваше, денеска се гледа сосема обратно нешто.
„Денеска гледаме една кулминација, едно крешчендо на една епизода којашто започна пред неколку месеци, а тоа стартуваше со промени, односно партиски упад во делот на второстепените комисии, регулаторните тела, советот за граѓански надзор над следењето на комуникациите и денеска ја гледаме кулминацијата со класичен партиско-политички упад во рамките на правосудството и на овој начин нема да ја вратиме довербата, нагласи Трајчулески. Тој повтори дека СДСМ како политичка партија подаде рака, парламентарните политичките партии, фелата, академијата и сите оние кои се стручни да седнат на маса да направат систем кој ќе ја врати довербата во правосудството.