Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека САД го поздравуваат договорот меѓу сириските курдски сили, предводени од Сириските демократски сили (СДФ) и новите сириски власти.
„САД го поздравуваат неодамна објавениот договор меѓу сириските привремени власти и сириските демократски сили за интегрирање на североистокот во обединета Сирија“, рече Рубио, пренесе Ројтерс.
Договорот предвидува интеграција на цивилните и воените институции под контрола на СДФ во североисточна Сирија со државниот систем, како и преземање контрола на граничните премини, аеродромите, нафтените и гасните полиња во областа, пренесува Танјуг. Договорот доаѓа во критично време за Дамаск, кој се бори со последиците од масовното убивање на припадниците на алавитското малцинство во западна Сирија, насилство за кое сирискиот претседател Ахмед ал Шара рече дека ги загрози неговите напори за обединување на Сирија по 14 години конфликт.