Кога се на власт само вршат редовни набавки, а кога се во опозиција, истите тие набавки стануваат корупциски афери за „гладните и алчни функционери.“ Партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ги копираат однесувањата едни од други кога треба да ја извршуваат опозициската улога на коректор на власта, па, освен што откриваат скандали со корупција или недомаќинско работење, знаат и да создадат случаи со полуинформации или со прикривање на контекстот. Така, петпати во изминатите неколку дена, СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека се храни „со луксузна храна на грбот на народот“ – папаја, манго, аспарагус. Според партијата, „милионски суми народни пари се трошат за ексклузивни деликатеси, додека работниците се борат да преживеат со мизерни плати“. И лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека владата „сака да го научи народот да живее на воздух, а тие да нарачуваат папаја и манго.“Во своите настапи, опозициската партија алудира на двата договори што ги склучи владината Служба за општи и заеднички работи при крајот на февруари со скопската фирма „Макмонт“ за набавка на овошје и зеленчук, вредни 35 илјади евра. Со нив се нарачуваат повеќе од 80 видови производи – меѓу другото 600 килограми банани, 1.100 килограми јаболка, 1.500 килограми домати, 2.200 килограми краставици, но и 15 килограми авокадо и 10 килограми папаја.
Оваа кампања потсети на една афера што ВМРО-ДПМНЕ ја пласираше во 2017 година, претходниот пат кога се сменија улогите на власт и опозиција меѓу овие две партии. ВМРО-ДПМНЕ, на својата интернет-страница не чува содржини постари од 2022 година, но во медиумските архиви останаа запишани партиските обвинувања дека тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска „нарачала лешници и бадеми во износ од 5.000 евра“ додека „парите за граѓаните и за безбедноста се кратат“ и „за потребите на војниците нема мрднато со мал прст“, а бидејќи лешниците не ѝ биле доволни, „без грам срам, надвор од човечкиот разум, набавувала и морски плодови во вредност од 80.000 евра.“ Кој јаде – плаќа

Сите што ги користат државните ресторани треба да платат сметка | Фото: Pexels, Gül Işık
Две нешта се заеднички за овие набавки. Прво – дека станува збор за храна, која е над основната потрошувачка кошничка и над платежната способност на просечниот македонски потрошувач. И второ – во ниту еден од двата случаи не стануваше збор за купување храна за функционерите со државни пари, туку за редовни годишни набавки за рестораните со кои стопанисуваат овие две институции – Службата за општи и заеднички работи и Министерството за одбрана. Во тие ресторани се јаде, но се плаќа сметка. Во разговор за БИРН, актуелниот директор на Службата, Ивица Томовски појаснува дека тендерот за овошје и зеленчук е редовна годишна набавка за потребите на рестораните во Собранието, Владата, Клубот на пратениците, кај претседателот на државата, претседателската и премиерската вила во Охрид, и во државните вили во Дојран и на Попова Шапка.
„Количествата се секако претпоставени и не значи дека ние навистина ќе набавиме толку колку што е напишано, или дека ќе земеме од сите производи. Прашуваат зошто сме набавиле папаја, но, ако дојде на пример некоја странска делегација и нарача, зошто тогаш да бараме, кога веќе имаме договор со фирма што ќе ни ја достави. Ќе го платиме само тоа што имаме потреба да ни се донесе. Обично на крајот на годината, исполнетоста на овие тендери е 70 отсто“, вели Томовски. Ова се ресторани во кои имаат пристап функционерите и вработените во тие институции, но и новинари и други гости. Како што појасни директорот, на крајот сите си ја плаќаат сметката, без разлика дали се министри, пратеници или други. „Таму се помали маржите отколку во обични ресторани, но сè се наплаќа“, додава тој. На сличен начин, пред осум години, Министерството за одбрана ја демантираше аферата за лешниците и за морските плодови на Шекеринска. Тие, заедно со многу други производи, биле наменети за рестораните во Домот на АРМ, воениот камп „Свети Наум“ и воените одморалишта во Дојран и на Попова Шапка. За разлика од угостителските објекти на СОЗР, во овие ресторани има пристап секој граѓанин, но треба да ја плати сметката. „Се работи за угостителски објекти од отворен тип, што значи дека набавените апетисани се наменети за продажба. Приходите што ќе се остварат на овој начин влегуваат во вкупните приходи од продадени стоки и услуги во буџетот на Министерството за одбрана и на годишно ниво, нивниот вкупен износ изнесува 20 милиони денари“, одговорија од МО во 2017 година. Таблоидизација наместо сериозни аргументи

Партиите знаат за што служат набавките, но ги користат за да дезинформираат | Колаж: БИРН
Овие две партии, кои секогаш се менувале на чело на Владата, се добро запознаени со тоа како функционираат институциите и како се вршат јавни набавки, вклучително и тие за рестораните што ги раководат државните институции. Според тоа, колку е веројатно дека обвинувањата им се резултат на недоразбирање, а колку дека намерно користат навидум бенигни информации и им го менуваат контекстот за да произведат афери? „Мислам дека повеќе се работи за второто, иако понекогаш се креираат инцидентно микронаративи пренесени од социјални мрежи, како на пример дека актуелниот премиер наводно јаде овошна салата наутро и затоа има толку многу егзотични овошја во оваа набавка“, вели за БИРН, комуникологот Сеад Џигал. Овие појави, додава Џигал, се познати како тривијализација или евтино врамување на теми што служат за дефокусирање од високата политика или од некои поважни прашања за јавноста. Но, во нашата политичка комуникација, според него, станува збор за психолошки механизам каде што граѓаните се заинтересирани да ги фатат политичарите во својата дволичност, па следат како се облекуваат, дали носат скапи часовници, колку трошат на патувања, за да се креираат, како што вели, влијателни наративи за тоа како политичарите се откачени од реалноста и од обичниот граѓанин, се расфрлаат со народните пари и живеат во раскош. Новинарот Тео Блажевски, кој повеќе години се занимава со дезинформациите во јавната и во политичката сфера, вели дека следењето на набавките за храна за потребите на владата е тема од јавен интерес и не е нелегитимно да се отвори и да се вкрстат фактите. Но, партиите воопшто не бараат проблематични аспекти во тендерите, како постигнатите цени, целисходноста или некакви можни врски на фирмите што ги добиваат, туку само истакнуваат дека „владата набавува“ некоја храна и испуштаат да кажат дека таа е за продажба во ресторани. „Во конкретниот случај, се разбира дека не станува збор за незнаење, туку за т.н. таблоидизација на темата. Споменувањето на 600 килограми банани или на не знам колку килограми папаја, манго и други типови овошје не е ништо друго, освен сензационалистичко третирање на набавката во јавниот дискурс, со цел да се опише политичкиот противник како расипник“, додава Блажевски. Секој сака да ѕирне во чинијата

Темата за храната секогаш допира до сентиментот на обичниот граѓанин | Фото: Влада на РСМ
Постојат реални шанси за папајата на Мицкоски и за бананите на владата да се зборува и неколку години од сега. Тоа се случи со лешниците на Шекеринска, кои на социјалните мрежи се споменуваа и две-три години откако аферата беше демантирана и беше понудено објаснување. Причината за тоа е што станува збор за храна – тема што, според Џигал, многу ефектно допира до сентиментот на обичниот граѓанин, кој е секогаш заинтересиран што јадат министрите и за што потрошиле пари. „Во земја со скромен стандард како Македонија, овие теми не се тривијални, но проблемот е што лесно се инструментализираат за лични напади и критики, а понекогаш и за креирање псевдо-скандали“, вели комуникологот. Блажевски додава дека ширењето на вака скроените наративи лесно се восприема затоа што по природа публиката лесно се возбудува со сензационализам, а голем дел од јавноста не е запознаена со контекстот – дали е тоа годишна, месечна, неделна набавка, кој ја плаќа, има ли драстично отстапување од вообичаената цена и слично. „Тоа, партиите во своите кампањи не го кажуваат, а дел од вината оди и кај медиумите зашто не го појаснуваат. Пренесувањето на сензационалистичкиот речник во комуникацијата со јавноста на партиите, без уредничка интервенција – избалансиран наслов, појаснување и контекст – само ја подзасилува реториката на партиите, која, ваква каква што е, доведува до банализација на проблемот или правење проблем таму и каде што тој не постои“, вели Блажевски.