Светот е на праг да открие дали Москва е навистина посветена и заинтересирана да стави крај на својата повеќе од тригодишна брутална воена инвазија на Украина, особено по прифаќањето на украинската страна во Ријад на американските мировни предлози за прекин на огнот во Украина. Ова е дилемата која е актуелна во светската јавност по деветчасовните преговори во Саудиска Арабија одржани вчера, на кои Украина се согласи со американскиот предлог за вонреден 30-дневен прекин на огнот, кој може да биде продолжен од двете завојувани страни.
„Фокс њуз“ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп веднаш бил информиран за исходот во Ријад меѓу украинската и американската страна каде соопштил дека тој ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин подоцна оваа недела за да се осигури неговата посветеност на американскиот предлог, но аналитичарите велат дека не се убедени дека Кремљ ќе игра отворено и чесно на шаховската табла.
Москва резервирана
Она што наиде на интерес во светската јавност е дека првичните реакции од Русија се претпазливи. Имено заменик-претседателот на Советот на Руската Федерација, Константин Косачев, на Телеграм напиша дека она што е договорено не се согласува со позициите на Москва.

„Условите се американски, а не украински. Украинците се согласуваат со тоа што им се кажува. А во исто време се поклонуваат и ласкаат. Со Русија нема да функционира така, бидејќи Русија е во подем. Сите договори мора да се прават според наши услови, а не според американските услови“, напиша тој.
Во меѓувреме државната новинска агенција ТАСС ја цитираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова од интервју за радиостаницата Спутник каде таа истакна дека од позициите на Русија е рано да се соопшти по договорот меѓу Украина и САД.
„Формирањето на позицијата на Руската Федерација не се одвива во странство преку договори или напори на некои страни“, порача Захарова, додавајќи дека позицијата ќе биде создадена во рамките на Руската Федерација, пренесе „Дојче веле“.
Во исто време Сергеј Марков, долгогодишен советник на рускиот претседател Владимир Путин, смета дека односот меѓу Путин и Доналд Трамп може да влијае на преговорите за прекин на огнот во Украина. Во интервју за Би-би-си Радио 4, Марков рече дека односот меѓу Путин и новата американска администрација под Трамп е значително различен од оној со поранешниот претседател Џо Бајден.
„Бајден беше непријател, Трамп е ривал“, изјави тој.
Тој додаде дека предлогот за прекин на огнот поставува дилема за Путин, нагласувајќи дека руското општество е уморно од војна и сака мир.
Рубио: Русија е на потег
Во меѓувреме американскиот државен секретар Марко Рубио, кој учествуваше на разговорите во Џеда заедно со советникот за национална безбедност Мајк Волц, истакна дека „топката сега е на теренот на Русија“.
– Украина се согласи да го прифати американскиот предлог за итен, привремен прекин на огнот од 30 дена, кој може да биде продолжен со заеднички договор на страните, а кој мора да биде прифатен и истовремено имплементиран од Русија – се вели во заедничкото соопштение.
САД ќе ѝ стават до знаење на Русија дека реципроцитетот во таков договор е „клучот за постигнување мир“.

Што се однесува до продолжувањето на воената помош, во заедничката изјава се вели: „САД веднаш ќе го укинат замрзнувањето на размената на информации и ќе ја продолжат безбедносната помош за Украина“. Во исто време Волц оцени дека исходот од американско-украинските преговори значи дека сега не е прашање „ако“, туку „како“ ќе заврши војната меѓу Москва и Киев. Тој додаде дека сега планира да разговара со Русија за предложениот 30-дневен прекин на огнот.
Аналитичарите не се уверени дека Путин ќе се согласи на прекин на огнот
Висок руски извор изјави за Ројтерс дека на претседателот Владимир Путин ќе му биде тешко да се согласи со идејата за прекин на огнот без да се договорат условите и да добијат некакви гаранции.
„Тешко е Путин да се согласи со тоа во сегашната форма“, изјави за Ројтерс изворот, кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на ситуацијата.
„Путин има силна позиција бидејќи Русија напредува“, додаде тој.
Изворот рече дека без гаранции заедно со прекинот на огнот, позицијата на Русија може брзо да стане послаба, а Западот потоа може да ја обвини Русија за неуспехот да ја заврши војната.
Договорот од Ријад изгледа како стапица или реми ситуација за Кремљ
Како што пишува Индекс.хр, друг висок руски извор рече дека предлогот за прекин на огнот од перспектива на Москва изгледа како стапица бидејќи на Путин би му било тешко да ја запре војната без конкретни гаранции или ветувања. Паралелно на ова, трет руски извор рече дека поголемата слика е дека Соединетите Држави се согласиле да ја продолжат воената помош за Украина и размената на разузнавачки информации и дека го „украсиле“ потегот со предлог за прекин на огнот, што за Москва во овој момент е меч со две острици.