Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на денешната 6. седница, донесе Одлука за избор на Работна група за етички кодекс, составена од пратеници и претставници од Службата на Собранието на Република Северна Македонија. Потоа, Работната група, со поддршка на експерти од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и претставници на Националниот демократски институт (НДИ), одржа Работилница за парламентарен интегритет и етички кодекс. Претседателот на Собранието Африм Гаши се обрати на отворањето на Работилницата, нагласувајќи дека кодексот за етичко однесување, особено за пратениците, треба да биде принципиелна сила што ги води и насочува сите други институции. „Ние немаме имунитет да ја уништиме конструктивноста, соживотот и демократијата, туку да ги развиеме. Секое наше дело и секој наш збор има последици врз угледот и довербата на оваа институција. Затоа, клучно е да имаме јасен и силен етички кодекс кој ќе ги насочува нашите постапки и ќе обезбеди висока култура на дебатирање. Ако сакаме да изградиме праведно и еднакво општество, мора да почнеме токму од ова Собрание и да бидеме пример за вредностите што сакаме да ги промовираме“, рече претседателот Гаши.
Тој истакна дека законодавната власт треба да се стреми кон професионално Собрание, достоинствени пратеници и ефикасни решенија, без викање и без лични пресметки. Претходно, на средба со претставникот на ОДИХР Константине Варџевашвили, претседателот Гаши изрази охрабрување за сите организации што се залагаат за демократски вредности, да продолжат да работат на унапредување на јасен и детален етички кодекс за политичарите, со експлицитни санкции за прекршување на етиката, за да се обезбеди негова примена во секој случај. Варџевашвили, пак, оцени, во почетокот на Работилницата, дека парламентарната етика е мошне важна за одржување високи стандарди и за градење доверба кај граѓаните, како и меѓу пратениците во Собранието. Тој посочи дека е потребен ефективен етички кодекс, кој нема да биде само на хартија. Роберт Скот Хајзлет од НДИ, исто така, го истакна заначењето на етичкиот кодекс за подигање на нивото на политичката култура во општеството. Тој воедно го поздрави донесувањето на Етичкиот кодекс за Службата на Собранието, посакувајќи негово успешно спроведување.
Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Миле Лефков, рече дека политичката култура се гради на ваков начин – преку постојана дискусија и дијалог. Во вториот дел од Работилницата се обрати и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, говорејќи за подобрување на родовата сензитивност во Кодексот за однесување и рамката за интегритет. Димовска рече дека мора да негуваме култура за создавање средина во која се слуша секој глас и во која секој поединец, без разлика на полот, може да напредува. Треба да градиме култура, рече генералната секретарка, која ќе обезбеди секој поединец да се чувствува безбеден и почитуван, а дискриминацијата, по која била основа, е забранета. Во рамки на Работилницата, од која треба да произлезат соодветни заклучоци за унапредување на етичките правила за Собранието, беа презентирани компаративни искуства со нормативната рамка за оваа област од другите парламенти на земјите членки на ОБСЕ. Целта на Работилницата е утврдување механизми за зајакнување на парламентарната етика преку добри практики во јавната етика, како и подобрување на родовата сензитивност, меѓу другото, и преку поддршка на институционални решенија за насилството врз жените во политиката.