Мерката воведува униформна такса од 25 отсто за увезениот челик и алуминиум во САД и ги укинува сите претходни изземања на земјите од овие царини. Царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум стапија на сила, што веројатно ќе ги заостри тензиите со некои од најголемите трговски партнери на САД, објави Би-Би-Си. Мерката воведува униформна такса од 25 отсто за увезениот челик и алуминиум во САД и ги укинува сите претходни изземања на земјите од овие царини. Европската унија веднаш реагираше, најавувајќи контрацарини за американски производи во вредност од милијарди евра. Трамп се надева дека оваа одлука ќе го зајакне домашното производство на челик и алуминиум, но критичарите предупредуваат дека ќе доведе до повисоки цени за американските потрошувачи и ќе ја забави економијата.
Реакции и контрамерки Американскиот институт за железо и челик (AISI) ја поздрави мерката, наведувајќи дека ќе создаде работни места и ќе го зголеми американското производство. Претседателот на AISI, Кевин Демпси, изјави дека со ова се затвораат системите на исклучоци и квоти што дозволуваа странските производители да ги избегнуваат царините. Од друга страна, британскиот министер за трговија Џонатан Рејнолдс изрази разочарување и изјави дека „сите опции се на маса“ како одговор. Европската комисија, пак, објави дека ќе воведе контрацарини во вредност од 26 милијарди евра за американски производи. Австралискиот премиер, Ентони Албанизе, ја нарече одлуката „целосно неоправдана“ и спротивна на духот на партнерството меѓу двете земји. Канада, како еден од најголемите снабдувачи на САД со челик и алуминиум, најави контрамерки, но со обид да избегне понатамошна ескалација на тензиите.