Денес бев домаќин на претседателот на стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, со кого разговаравме на повеќе теми, значајни за бизнисот и општините. Стана збор за проблемите на бизнисите, децентрализацијата и инвестиционата активност на општините. Од претседателот бев информиран дека интересот на најголемата и најзначајна бизнис организација е да инвестиционата активност се пренесе низ целата држава, со што ќе се овозможи зголемен раст на бруто домашниот производ, како и остварување на целите од континуирано зголемување на растот, со што пак ќе се овозможи поголем стандард за граѓаните и поголем профит за фирмите.
Стопанската комора на Македонија ќе ги поддржи сите интенции на Владата кои одат во правец на остварување на раст од 4%, градењето на правна држава, како и владеење на принципите на пазарната економија. Го информирав претседателот за активностите на општината на тој план, разменивме мислења за градење на имплементација на сите политики кои водат кон остварување на оваа суштинска цел – ослободување на сите невралгични точки за развој на бизнисот, создавање на поволна бизнис клима и изнаоѓање на решенија коишто ќе овозможат поддршка на сите бизниси кои остваруваат додатна вредност, водат сметка за заштита на еколошката средина и отвораат нови работни места. Му благодарам на претседателот за честа да биде мој гостин.