Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја повика Москва „јасно да одговори“ на разговорите за прекин на огнот во Украина, велејќи дека „Русија не остава впечаток дека искрено сака мир“. Макрон, во обраќањето по видео-конференцијата за мирот во Украина, рече дека сака „јасен притисок“ врз Русија, која, според него, „не остава впечаток дека искрено сака мир“, објави телевизијата БФМ, повикувајќи се на извори во Елисејската палата.
„Русија не остава впечаток дека искрено сака мир. Не одговара на предлозите на САД и Украина. Ги интензивира борбите. „Претседателот (на Русија) Владимир Путин сака да добие сè, а потоа да преговара“, рече Макрон.
Тој нагласи дека ако сака мир во Украина, „Русија мора јасно да одговори“.
„Нашата стратегија за мир преку сила сега е во игра. „Ако сакаме мир, Русија мора јасно да одговори и притисокот мора да биде јасен, заедно со САД, за да се постигне прекин на огнот“, нагласи Макрон.
Тој му се заблагодари на украинскиот претседател Володимир Зеленски што „има храброст да преземе мировна иницијатива со (американскиот) претседател (Доналд) Трамп“ и што „предложи едномесечен прекин на огнот“. „За траен мир, ние мора да и помогнеме на Украина да се спротивстави, за утре да има силна армија која ја брани нејзината земја, а ние мора да бидеме подготвени да го гарантираме тој мир“, заклучи францускиот претседател. Елисејската палата соопшти дека утринава се одржал виртуелен самит на сојузниците на Украина, на иницијатива на британскиот премиер Кир Стармер и дека со него „копретседаваат Обединетото Кралство и Франција“.