Министерот за здравство, Арбен Таравари утрово ќе ги посети повредените во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во две болници во Солун. Како што јави МИА, ќе го придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-шефот на грчката дипломатија Тасос Хаѕивасилиу. Министерот Јулекас говорејќи утрово за грчката телевизија „Опен“ рече дека заедно со Таравари ќе ги посетат повредените со изгореници кои се лекуваат во болницата Папаниколау и во воената болница 424 во Солун и „заедно со министерот за здравство ќе биде и заменик министерот за надворешни работи на Хаѕивасилиу“.
– Во секој случај сме во континуиран контакт за состојбата на повредените со одговорните на болниците и лекарите кои ги следат повредените. Ова е трагичен случај, трагична несреќа, национална трагедија и за жал овие луѓе се во тешка ситуација. Грција уште од првиот момент ги отвори нејзините врати, вратите на болниците, како што е случај и со Турција и со други соседни земји, за да обезбедиме секаква можна помош за овие луѓе. кои во овој тежок момент во нивните животи, водат тешка битка – рече Јулекас.
Во болницата Папаниколау во Солун се хоспитализирани три лица, а во солунската воена болница 424 други двајца повредени, сите со тешки изгореници. Доцна синоќа, со авион Ц-130 на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина беа префрлени тројца повредени во пожарот во Кочани и се хоспитализирани во атинската воена болница 401 на Одделот за повредени со изгореници.