Луизијана ќе продолжи со егзекуција со вдишување азот во вторник, контроверзен метод што се користел само во соседна Алабама и е критикуван од експертите на ОН како форма на „мачење“. Осуденикот на смрт е 46-годишниот Џеси Хофман и е првиот што е погубен во оваа држава во последните 15 години.
Хофман беше осуден на смрт за киднапирање, силување и убиство на Мери Елиот во 1996 година. Од почетокот на годината, имаше шест егзекуции низ целата земја: четири со смртоносна инјекција, една во Алабама со вдишување азот, додека во Јужна Каролина осуденик на смрт беше доведен до стрелачкиот вод – нешто што се случи за прв пат во САД од 2010 година. Федерален судија минатата недела ја одложи закажаната егзекуција на Џеси Хофман со образложение дека неговото убиство со вдишување азот претставува „сурова и невообичаена казна“ забранета со 8-миот амандман на Уставот на САД. Овој осуденик побара да биде изведен пред стрелачки вод.
Сепак, ултраконзервативниот апелационен суд го укина одложувањето на извршувањето, тврдејќи дека егзекуцијата со пукање ќе биде „поболна“ во споредба со вдишувањето на азот. Адвокатите на Хофман поднесоа жалба до Врховниот суд на САД барајќи одложување на егзекуцијата. Егзекуцијата на Кенет Смит во Алабама, на 25 јануари 2024 година, беше прва во светот со методот на вдишување на азот и предизвика меѓународни реакции. Оттогаш, во таа држава се случија уште три такви егзекуции. Смртната казна е укината во 23 од 50 американски држави. Гувернерите на шест други држави (Аризона, Калифорнија, Охајо, Орегон, Пенсилванија и Тенеси) воведоа мораториуми на егзекуциите.