Во текот на изминатата ноќ транспортирани се пациенти во Австрија, Грција, Словенија и Хрватска, а заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски, соопшти дека во преговори се за препраќање на уште неколку повредени во пожарот во Кочани во Полска, Шведска, Холандија, Италија, Норвешка. На прес-конференција, Андоновски ја соопшти моменталната состојба со повредените – на Пластична хирургија моментално има 17 пациенти, на Токсикологија – 13, на Торакална – 4, на Трауматологија – 2, на Детска хирургија – 4, на КАРИЛ – 14, во Градска болница – 12, во ГОБ 8 Септември – 18, во Штип – 3 и на Пулмологија се двајца.
Во странство се транспортирани вкупно 76 пациенти, а се преговара за препраќање на уште. Во Македонија пристигнати се специјалисти од неколку странски земји. Докторите од Белгија биле на терен и правеле анализа на најтешко повредените на КАРИЛ. Од Израел дошле неколкумина, а се очекува да пристигнат уште неколку, ќе биле распределени во Клинички центар и „8 Септември“. Пристигнале и по шест доктори од Чешка и ВМА од Белград. Андов соопшти дека од шест пациенти во Анкара од кои првично пет биле интубирани, сега биле екстубирани, значи состојбата им се подобрила.
Како што беше соопштено на денешната прес-конференција пациентите се релативно стабилни, на оние кои им се влошува состојбата веднаш се препраќаат во странство. Докторите велат дека во моментов не планираат да ги пуштат пациентите кои се во стабилна состојба, бидејќи можно е да има промена на состојбата после 72 часа. Во пожарот во Кочани, во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 млади, а над 150 се повредени и хоспитализирани во земјава и во странство