Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска се сретна со првиот човек на НАТО, Марк Руте, со кого разговарале за безбедносната соработка и за актуелните геополитички случувања и нивните импликации врз безбедноста во Европа. Во изјава по средбата, Вучиќ се осврна на новата безбедносно-одбранбена алијанса која вчера во Тирана ја склучија Албанија, Косово и Хрватска, кои најавија дека Бугарија исто така во иднина може да му се приклучи на пактот. Вучиќ ја нарече алијансата „воен пакт со многу перфидни намери“.
„Јас го покренав тоа прашање, се работи за прекршување на субрегионалниот договор за вооружување од 1996 година. Убеден сум дека НАТО не бил информиран. Не верувам дека за ова нема да се грижат ниту Приштина, ниту Загреб, ниту Тирана“, рече Вучиќ за воената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово.
Како што соопштија трите земји вчера по потпишаниот договор во Тирана, целта на новоформираната алијанса е „да се зајакне одбраната од хибридните и други закани кои можат да ја нарушат регионалната и меѓународната стабилност“. Србија денеска остро реагираше, а Министерството за надворешни работи го означи воениот сојуз како „провокација“. Српските власти побараа итно појаснување од Хрватска и Албанија во врска со целите на договорот, особено што Косово, кое Србија не го признава како независна држава, е страна во договорот.