Долг и голем огномет вечерва беше забележан на кејот на Вардар во центарот на Скопје, во деновите во кои цела Македонија тагува поради изгубените млади животи во Кочани, а и официјално се денови на жалост. Снимката предизвика многу реакции на социјалните мрежи, а повеќето граѓани се прашуваа: Кому му е дојдено сега до огномет? Полицијата вечерва за „360 степени“ потврди дека било пријавено дека некој активирал огномет и дека ги бара сторителите.
„Вечерва во 21:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека на кејот на реката Вардар во близина на хотел и стадионот ‘Тодор Проески’ имало огномет. Веднаш по добиената пријава полициски службеници се упатени на лице место и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и расчистување на случајот“, велат од МВР.