Џорџе Симион, лидерот на втората по големина романска партија, стана кандидат на крајната десница на повторените претседателски избори што ќе се одржат во мај, откако неговиот сојузник се повлече од трката во средата, зголемувајќи ги неговите шанси да стигне до вториот круг, пишува „Ројтерс“. Членката на Европската унија и НАТО, која граничи со Украина, ќе ги повтори претседателските избори во два круга на 4-ти и 18-ти мај, откако Уставниот суд го поништи првиот круг во декември по обвинувањата за никогаш недокажаното наводно руско мешање во изборите во полза на изненадувачкиот победник во првиот круг, кандидатот на крајната десница, Калин Џорџеску. Тој, како и Русија, категорично ги отфрлаат наводите на институциите во Букурешт под контрола на етаблираните партии поддржани од Брисел.
Изборите беа поништени откако државните документи наводно покажале дека Џорџеску, критичар на НАТО кој ги фалеше романските фашистички лидери од 30-тите години на 20-от век, имал поддршка од „нечесната кампања“ на социјалните мрежи, „најверојатно организирана од Русија“, обвинувања што Москва ги негираше. Членовите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, во прв ред потпреседателот Џеј Ди Венс, минатиот месец на безбедносниот форум во Минхен, исклучително остро критикуваа дека поништените избори во Романија се пример за тоа како владите до Европската унија ја поништуваат волјата на гласачите, „ги задушуваат своите политички противници од крајната десница и слободата на говорот“.
Џорџе Симион, кој го поддржуваше Џорџеску, минатата седмица ги обвини судот и централната изборна комисија за „исмејување на романскиот народ“ и „напад на нашата демократија и нашите основни права и слободи“, откако на Џорџеску му беше забрането повторно да се кандидира. Во Брисел стравуваат дека доколку Симион успее да ги придобие гласачите на Џорџеску, кој до минатата седмица во анкетите имаше поддршка и до 50 отсто, тоа би можело да одреди дали уште една централноевропска земја ќе се приближи до Москва, покрај Унгарија и Словачка. Симион, лидер на крајно десничарската Алијанса за единство на Романците (AUR) и Анамарија Гаврила, лидерка на Партијата на младите луѓе (POT), се вклучија во трката со договор дека еден од нив ќе се повлече доколку изборните власти ги прифатат и двете нивни кандидатури. Гаврила се повлече во средата.
„Решивме да го поддржиме оној кој има најголеми шанси (да победи)“, рече Гаврила во заедничко видео со Симион објавено на социјалните мрежи. 38-годишниот Симион ја следеше неговата партија како преминува од маргинала група која се залагаше против вакцинацијата за време на пандемијата на ковид-19 до водечката опозициска сила во Романија, обраќајќи се кон работничката дијаспора и младите гласачи и предизвикувајќи гнев во јавноста кон „мејнстрим“-политичарите кои долги години се обвинувани за голема корупција.