Јас сум среќен што и покрај разликите што ги имавме со работата на Јавното обвинителство, гледам едно навистина синхронизирано дејство помеѓу Министерството за внатрешни работи, органите на истрагата и Јавното обвинителство до овој момент и гледам дека тоа дава резултати, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител. Пофалните зборови на премиерот кон Јавното обвинителство тој ги кажа прашан како очекува да се движи утврдувањето на одговорноста за пожарот во локалот во Кочани во кој загинаа 59 лица и речиси 200 се повредени, а во контекст на она што досега е преземено.
“И покрај тоа што имаме големи разлики со работењето на обвинителите, овојпат покажаа голема мобилизација, морам да кажам. Уште утрото во 8 часот огромна екипа беше мобилизирана и дојде во полициската станица во Кочани, веднаш се зафатија со работа. Таа група на обвинители е проширена, имам такви информации. Секојдневно се работи по 16 до 18 часа, и досега мислам дека врз основа на ова што го гледам во овие три дена, се работи заеднички Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат основано сомневање за постоење одговорност, нормално, да се обезбедат лицата и тоа да биде проширено. И мислам дека се проширува, но истовремено да покажат и неселективност, тоа е она што граѓаните, исто така, го очекуваат од нас“, рече Мицкоски.