Членот на Левица, Јован Јанев објави дека ја напушта партијата, откако во јавноста се појави видео во кое сопартијците, заедно со српски обучувач, дискутираат како да ја искористат трагедијата во Кочани за организирање пленуми и политички активности. Јанев го изрази својот револт кон односот на партијата и остро ги осуди обидите за политичка експлоатација на трагедијата.
„Драги мои, оваа недела беше најтешка за сите нас, особено за нас од истокот. Сакав да ги испочитувам деновите на жалост и овие работи да ги коментирам подоцна. Официјално, сакам со вас да споделам дека ЈА НАПУШТАМ ЛЕВИЦА. Знаете дека политички веќе не сум активен повеќе од пола година, иако има многу интерни причини, ова ги надмина сите граници“, вели тој. Јанев тврди дека партијата ја злоупотребува болката на луѓето за политички цели и дека целосно изгубила контакт со реалноста. Во Кочани загинаа 59 луѓе во пожар во дискотека. Македонија поради трагедијата прогласи седумдневна жалост.