Познатиот македонски музичар Никола Перевски Пере денеска полни 47 години. По повод неговиот роденден тој објави емотивна песна на Инстаграм во која вели дека не му е до славење, уште помалку до пеење и пиење по трагедијата која ѝ се случи на Македонија, а во која згаснаа 59 млади животи.
Песната која Пере ја објави на социјалните мрежи ви ја пренесуваме во целост: РОДЕНДЕН Денес ми е роденден. Се сеќавам. Не те славам. Ова не е објава, туку белег со неколку реда што ме болат. Не ми се пие и пее, не ми се брои години. Децата изгореа во песната, музичарите паднаа на бината. Како ноти што никогаш не добиваат рефрен. Некои си отидоа пеејќи. Други со рацете на жиците. Сцената ги прегрна мајка како што не пушта и кога знае дека губи. Денес ми е роденден. Но нема што да посакувам. Освен да го вратат времето или барем да престане да пече. Никола Перевски