САД и Русија денес започнаа разговори во Саудиска Арабија кои имаат за цел да се постигне напредок кон широк прекин на огнот во Украина, при што Вашингтон се стреми кон посебен договор за прекин на огнот во Црното Море пред да се обезбеди поширок договор, јави Ројтерс.
Разговорите кои уследија по американските преговори со Украина во Саудиска Арабија во неделата, доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги интензивира напорите да стави крај на тригодишниот конфликт, откако минатата недела разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Извори информирани за разговорите изјавиле дека американската страна ја водат Ендру Пик, директор во Советот за национална безбедност на Белата куќа и Мајкл Антон, висок претставник на Стејт департментот.
Белата куќа вели дека целта на разговорите е да се постигне поморски прекин на огнот во Црното Море, со што ќе се овозможи слободен проток на бродовите, иако областа не била локација на интензивни воени операции во последните месеци. Трамп, кој постојано повикуваше на прекин на војната во Украина, изрази големо задоволство од начинот на кој се одвиваа разговорите. Тој во саботата изјави дека напорите да се запре понатамошната ескалација во конфликтот се „донекаде под контрола“.
Сепак, псотои скептицизам меѓу големите европски сили околу тоа дали Путин е подготвен да направи значајни отстапки или ќе се држи до она што тие го гледаат како негови максималистички барања, пишува Ројтерс. Путин вели дека е подготвен да разговара за мир, но оти Украина мора официјално да се откаже од амбициите за НАТО и да ги повлече своите трупи од целата територија на четирите украински региони за кои претендира и кои главно се контролирани од Русија.