Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како и Министерството за внатрешни работи (МВР), спречиле обид дури 40 тони небезбедни сувомесни производи со зголемено количество фосфати, да завршат на трпезите на граѓаните, информираат во АХВ. Оттаму добиле информација дека во населбата Маџари на диво работи магацин за храна, по што, при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека во објектот била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло.
„Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени. Во дворот на „дивиот“ магацин, МВР заплени комбе, во кое се пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени. За расчистување на овој криминал, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин“, информираат во АХВ.
Откако ги провериле документите, било утврдено дека дел од производите имале зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во земјава, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ.
„Небезбедните сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот, кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но, тоа не го сторил, односно за нив, овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи. За сторен прекршок, неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, изречена му е казна од 18 илјади евра. Со 1.500 евра казнето е и одговорното лице на операторот со храна“, наведено е во соопштението на АХВ.