Германијаја повика Русија да се согласи на прекин на огнот во Украина без да поставва услови, откако Москва рече дека договорот за запирање на нападите во Црното Море може да стапи на сила само откако ќе бидат укинати некои ограничувања. „Уште еднаш ја повикуваме Русија да се согласи на целосен прекин на огнот без дополнителни услови“, изјави министерката за надворешни работи Аналена Баербок. Не е ситуација за дијалог кога прекинот на огнот постојано е врзан со отстапки и нови барања. „Не смееме да бидеме измамени од рускиот претседател“, рече таа.
Русија и Украина во вторникот се согласија да ги запрат воените напади во Црното Море и на енергетските локации, за време на разговорите со посредство на САД, додека САД понудија да го намалат притисокот врз извозот на земјоделството како прв конкретен поттик за Москва. Веста дојде по тридневни разговори во Саудиска Арабија за ставање крај на војната, при што американските преговарачи се движеа одделно меѓу украинската и руската делегација. Кремљ соопшти дека договорот за запирање на нападите во Црното Море би можел да стапи на сила само откако ќе бидат укинати ограничувањата на неговиот земјоделски сектор. Русија, сепак, изврши нови напади со беспилотни летала врз Украина неколку часа по постигнувањето на договорот. Баербок оцени дека „континуираните масовни напади врз Украина укажуваат дека Путин сè уште се обидува да иницира вооружени судири на бојното поле – иако продолжуваат разговорите за прекин на огнот“, објави АФП.