Пријавата и процесирањето на семејното насилство не смее да зависи од жртвата. Семејното насилство е девијантна појава која го засега цело општество. Обврските преземени со ратификувањето на Истанбулската Конвенција не задолжуваат како држава да ги примениме начелата од неа. Никако мирење на жртвата со насилникот! Никако пријавувањето и водењето на постапката да не зависи од жртвата, алармира адвокатката што застапува жени што преживеале семејно насилство Катерина Котеска Стисниовска. Вчера јавноста беше вџашена откако беше објавено вознемирувачкото видео на кое се гледа како маж од Радовиш на „Тик-Ток“ ја тепа својата бремена партнерка, додека е во група со други луѓе „во живо“. Без страв од консеквенци, на камера, додека другите го гледаат, тој ѝ упати бројни удари на жената, ја навредуваше, ја понижуваше пред очите на целата јавност. Според соопштението од МВР настанот во СВР Струмица бил пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година.
Оваа ситуација го актуелизира проблемот во Кривичниот законик, што за делото семејно насилство, жртвата всушност треба да даде согласност насилникот кривично да се гони. На крајот на 2024 година имаше обид од пратеничката Јована Мојсовска да го промени во Собранието ваквиот член од Кривичниот законик и жртвата да не дава никаква согласност за кривичното гонење. Но, предлогот беше одбиен од пратениците. Затоа, до ден денешен се бара согласност од жртвите за гонење на очигледни насилства, на лица со дебело досие, кои жртвите ги трпат ем поради неефикасен систем да ги поддржи, ем поради страв дека насилникот ќе им се одмазди.