Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека за исполнување на минималните услови за соодветно постапување на општините е потребно да се вработат уште околу 40 инспектори. Тој додаде дека во моментот е потребно да се направат контроли во сите општини и при овие контроли поради дефицитот на инспектори, сите локални претпријатија меѓусебно ќе си помогнат, а во наредниот период соопшти дека ќе се потрудат да вработат соодветни инспектори во сите општини со цел исполнување на овој недостаток. Ѓорѓиевски додаде дека оваа состојба не е нова и посочи дека општините и претходно меѓусебно соработувале при вршење инспекциски надзори.
Во однос на проверките на станбени објекти, градоначалникот ги посочи постарите згради како места кои имаат најголеми проблеми со хидрантските мрежи. -Најчесто не поседуваат доволно опрема, односно не поседуваат црева во хидрантите. Наложено е од нашите служби, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување во многу скоро време да се постапи. Одиме на тоа да дадеме простор да се поправат сите грешки од минатото, пред да се премине на казнување. Најлесно е да изречете казна, потешко е да го промените системот и да воспоставите систем како што граѓаните заслужуваат повеќе од триесет години- изјави претседателот на ЗЕЛС. Секоја општина, според Ѓорѓиевски, ќе треба да достави записници од извршените контроли до ЗЕЛС и по тоа тие ќе може да бидат дадени на увид на јавноста.