Демократијата не оди на одмор, порачуваат од граѓанското движење „Кој е следен?“. Собранието предизвика реакции со одлуката да не работи уште една недела по паузата од една недела поради деновите на жалост, со цел да нема седница за пратенички прашања. Пратениците викендов ќе соочат со граѓаните откако одлучија да ги прескокнат пратеничките прашања за да не ги вознемират премиерот Христијан Мицкоски и министрите со прашања за големата трагедија во Кочани во која загинаа 59 млади и околу 200 беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“. Граѓанското движење „Кој е следен?“, в сабота, на 29 март, организира нов протест, кој ќе се одржи пред Собранието за да им кажат на пратениците дека „демократијата не оди на одмор“. Собранието предизвика лавина реакции во јавноста со одлуката да не работат уште една недела по неделата на жалост за да нема седница за пратенички прашања, а на пауза ги стави и комисиите и пленарните седници. Понесете си столче. Во најавата од „Кој е следен“ се повикува учесниците на протестот пред Собранието да си понесат и столче. – Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Не затоа што немаме што да правиме. Туку затоа што имаме што да кажеме. Граѓаните ќе зборуваат. Ќе критикуваат. Ќе поддржуваат. Ќе го кажат тоа што предолго тлее – велат од „Кој е следен?“.

Собирот пред Собранието, велат, е поради тоа што имаат барања што не може да чекаат и затоа што демократијата не оди на одмор. Според планот, граѓаните и „Кој е следен“ ќе ги презентираат своите барања. – Микрофонот е отворен за секој граѓанин што сака да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели генерален став за моменталната состојба. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собрание. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш, подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека ова биде твојот повик! – порачаа од граѓанското движење. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, објави дека неговата партија и ДУИ биле единствените што не изразиле подготвеност пратениците да одат на двонеделен одмор. Поради овој одмор, како што вели тој, нема да се одржи ниту институтот пратенички прашања, иако тој е задолжителен во последниот четврток од месецот и премиерот мора да присуствува во Собранието.

– Но, бидејќи извесно е дека ќе се постават тешките прашања за трагедијата во Кочани, а на обата наши буржујски властелини Мицко Диско и Венко Модуларна тоа не им одговара, тие си решиле да суспендираат изречна уставна, законска и деловничка ius cogens норма со „споразум“!? Па така, лажејќи ја јавноста дека има некаков си „консензус“ (иако координаторот на Левица не се согласил плус координаторот на ДУИ не бил ни присутен), спикерот Гаши си пуштил соопштение до јавноста во која изнесува невистини дека „сите се сложиле“ да не работат!? Не е точно, се сложиле само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди и ЗНАМ. Јавноста изминатиот период изрази згрозување од ваквиот потег на Собранието како најодговорен конститутивен орган во ситуација кога има 59 жртви од пожарот во дискотеката во Кочани – напиша Апасиев.
Опозициските пратеници од СДСМ и од ДУИ, пак, преку формирање анкетна комисија во Собранието бараат политичка одговорност и утврдување на фактите за пожарот во дискотеката „Пулс“, додека Левица најави интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Власта анкетната за Кочани ја услови со анкетни комисии и за случаите „Ласкарци“, „Беса транс“ но и за изгорената модуларна болница во Тетово. Партијата на Али Ахмети, пак, во анкетната за Кочани инсистира на вклученост на ОБСЕ и на американската амбасада и претставници на ЕУ. – СДСМ ќе ги искористи сите институционални и демократски механизми, вклучително и во македонското Собрание, преку анкетна комисија во соодветен момент, за утврдување на фактите, но и политичката одговорност за трагедијата што се случи во Кочани – е еден од заклучоците од седницата на Централниот одбор на СДСМ.

Од партијата на Филипче сметаат дека досегашниот тек на истрагата покажува дека се води селективно и е насочена само кон поранешни функционери и службеници, додека воопшто не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата. – Селективноста не е правда, туку неправда и ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите и во правосудството. Имајќи ја предвид сериозноста на трагедијата и тешките последици со огромен број жртви и повредени, недозволиво е да се води истрага на селективен начин. СДСМ инсистира на неселективна, независна и темелна истрага, во која сите ќе одговараат според законите. На каква било селективност, штитење актуелни функционери, поединци блиски до власта, СДСМ ќе се спротивстави. Пред законот сите мора да бидат еднакви – велат од партијата. Европскиот фронт, предводен од ДУИ, достави до Собранието барање да се формира парламентарна комисија за истражување на селективниот и едностран пристап на правосудниот систем, кој е под контрола на Владата, во третманот на трагедијата во Кочани. – Оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД, ЕУ и земјите членки на ЕУ во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес. Селективната правда го потресе секој граѓанин на земјава и создаде ситуација без преседан, која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите. Неодговорноста или политизацијата на правдата за теснопартиски цели не ги загрозува само основните права на граѓаните, туку и демократската стабилност и европската перспектива на земјата – изјави пратеничката од ДУИ, Арбана Пашоли.

Од партијата очекуваат Собранието да дејствува со максимална одговорност и сериозност за да обезбеди независно, веродостојно и инклузивно истражување.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ бараат истраги за претходните несреќи, а од и Вреди анкетни комисии за тие несреќи. -Чудно е што СДСМ и ДУИ се против обвинителите кои сами ги поставија и поради кои судството и обвинителството има сега под 2 отсто доверба. Исто така нелогично е што СДСМ и ДУИ сега се бунтуваат против истрагата, а на позиции во ОЈО се Гаврил Бубевски, Љупчо Коцевски и Абази, од прв до последен кадри на СДСМ и на ДУИ. Воедно како СДСМ и ДУИ немаа желба за анкетна комисија за модуларната болница, за несреќата во Ласкарци, за Беса-транс и Дурмо-турс, за тендерите на Стабри и профитерството на Венко Филипче. Ние сме да има истрага за сето ова, наместо од несреќата да пробуваат да печалат политички поени – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од Вреди ја условија анкетната со формирање анкетни комисии за претходните несреќи во земјава. – Сметаме дека формирање на анкетна комисија е во ред, но не само за Кочани. Не можеме да се ограничиме само за трагедијата во Кочани. Во системот што не функционира, односно ако системот ни е расипан, ни треба анкетна комисија за сите несреќи во изминативе неколку години, од „Ласкарци“, „Модуларната болница“, „Беса-транс“… – вели координаторот на Вреди Халил Снопче.