Ако може да се направи сублимат од ставовите на двете главни партии во опозицијата – главната нивна теза е селективноста на истрагата во однос на виновниците за случајот, со тоа што СДСМ се фокусира засега на немање истрага за актуелни полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип, додека ДУИ (па делумно и Левица), се фокусираат на повеќе одговорни лица кои се актуелни во повеќе институции. СДСМ и ДУИ во последните два дена излегоа со ставови во јавноста во врска со истрагата за трагедијата во Кочани во кои има сличности во настапот, но и разлики. Ваквата сличност и разликите се битни да се појаснат со оглед на можноста за информации и дезинформации во врска со координираноста на двете политички партии во однос на власта и мерките што таа ги презема да се заврши истрагата, пишува Вистиномер. Социјалдемократите одат со тезата дека истрагата е селективна и со заклучокот дека селективна правда е неправда.
По заветот од претседателот Венко Филипче дека не е време за политички пресметки и дека ќе ги остават властите да ја спроведуваат истрагата, а граѓаните да тагуваат, првото јавување со прашања на СДСМ беше во понеделникот на 24.03.2025 г.. На прес-конференцијата што ја водеше организацискиот секретар на СДСМ Мартин Костовски беше кажано следното: Од досегашниот правец на истрагата и информациите кои се соопштени во јавноста, СДСМ стравува дека оваа истрага ќе биде селективна. Откако министерот Тошковски извести дека првата фаза од истрагата е завршена и се сомничат 32 лица, денес тој и обвинителот Коцевски мора да одговорат на следните легитимни прашања кои се наметнуваат. Дали е точно дека: Ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор? Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа?“. Ден подоцна СДСМ ги повтори истите прашања, изразувајќи разочарување што институциите не одговориле, но и нагласија дека не бараат одговор од ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот Бране Петрушевски, туку од институциите. Ова беше нагласено со оглед на фактот што на 24.03.2025 со одговор се јави токму Петрушевски со подолг политички став за прашањата од СДСМ. И за ДУИ истрагата е селективна, но има и политички прогон
Откако во првите денови од трагедијата кога беше приведен ексминистерот за внатрешни работи Крешник Бектеши, од ДУИ или нивни симпатизери имаше спорадични реакции дека станувало збор за пресметка со Албанците, последните денови од оваа опозициска партија се фокусираа исто како и СДСМ на селективност на истрагата, со таа разлика што ДУИ селективноста не ја гледа само во неистражувањето на актуелните полициски службеници во Кочани и Штип, туку и врз други институции и лица. Во последното соопштение од ДУИ што го пренесоа дел од медиумите се наведува: Клубот бил синоним за „заштитен простор“ на локалната политичка и бизнис елита. Градоначалници, инспектори, командири и пратеници – сите биле таму. Сите знаеле. И сите молчеле. Кој тоа дозволи клубот незаконски да работи веќе цела година по сите основи: со блокирана сметка, без да издава фискални сметки, пломбиран или не од УЈП сѐ уште не ни е јасно, секако без никаква легална дозвола, дури и со истечена фалсификувана лиценца. Кој тоа цела година упорно не можел да види редовна употреба на пиротехничките средства што ја има на сите социјални мрежи? И како тоа никој не ја виде големината на кобниот настан што не само целиот град, туку и целиот регион знаеше? Кој тоа цела година толерирал објектот да се преполнува над дозволеното, исто како и кобната вечер, дури и со малолетни деца, директно ставајќи ги под ризик граѓаните кои го посетувале објектот? И на крајот, има ли некој во оваа Влада минимум личен кредибилитет, да побара, или да поднесе политичка одговорност?
ДУИ останува на тврдењето дека наместо да ги бара тука виновниците, „власта апси поранешен министер – кој одамна нема надлежност – само затоа што не е „нивни“, па оттаму ДУИ, како што пренесува медиумот, смета дека станува збор за политички прогон. Ваквиот став на ДУИ го потврди и поранешниот министер од таа партија Бујар Османи кој на статус на Фејсбук, како што пренесуваат дел од медиумите, даде оценка дека Бектеши е политички затвореник: Крешник Бектеши е политички затвореник и редок случај каде Албанците и Македонците се согласуваат за неправдата што му се прави… Ако може да се направи сублимат од двете главни партии во опозицијата – главната нивна теза е селективноста на истрагата во однос на виновниците за случајот, со тоа што СДСМ се фокусира засега на немање истрага за актуелни полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип, додека ДУИ (па делумно и Левица), се фокусираат на повеќе одговорни лица кои се актуелни во повеќе институции. Извор: Новинска агенција МЕТА