Од ОО СДСМ Неготино вчера се огласија со барање за свикување на итна седница на Советот на општината, бидејќи, како што појаснуваат во соопштението, во градот се случувале разбојништва, а дневно биле оштетени и по неколку семејства. На седницата ќе се дискутирало за безбедноста во градот, но и ќе се барало од МВР да преземе зголемени безбедносни активности. Од партијата не посочуваат конкретно за какви разбојништва станува збор, туку обвинуваат дека МВР не известило до каде биле истрагите за пронаоѓање на сторителот, односно сторителите.
– Дали Неготино е безбедно место за живеење?
Почитувани сограѓани, деновиве се почесто слушаме информации за случувања во нашиот град, за немили настани, разбојништво во домови на наши сограѓани.
Се случува да во еден ден има по неколку оштетени семејства во Неготино.
МВР досега нема официјално известено, ниту пак има кажано до каде се истрагите за пронаоѓање на сторителот/ите и негово /нивно казнување.
Затоа: 1. Бараме итна седница на Совет на Општина Неготино, и разгледување на информација на МВР Неготино за безбедноста во градот.
Бараме од МВР да преземаат мерки и зголемување на активности, со тоа и зачувување на мирот и безбедноста во нашиот град, објавено е на официјалната Фејсбук страница на ОО СДСМ Неготино.
Веста за наводни разбојништва и случаи на по неколку оштетени семејства во ден во градот, ги вознемири неготинци. Со цел да дознаеме дали колку разбојништва се пријавени во ОВР Неготино од почетокот на годинава, и колку од случаите се расчистени, се обративме до СВР Велес. Од таму посочуваат дека во Неготино од почетокот на годинава не е пријавено ниту едно разбојништво, додека пак во тек на 2024 година имало една пријава за разбојништво во казино, и случајот бил расчистен. Појаснуваат дека имало пријави за ,,тешки кражби”, и тоа четири од почетокот на годината, како и четири кривични дела ,,кражба во куќа”, две кривични дела ,,тешка кражба во обид”, како и едно кривично дело ,,кражба во обид”.
-Во однос на кривичните дела „разбојништво“, ОВР Неготино во текот на 2025 година нема евидентирано пријави, додека во текот на 2024 година има евидентирано едно (1) кривично дело „разбојништво“ кое е извршено во казино и кое расчистено и поднесена е кривична пријава против тројца (3) сторители; Во однос на кривичните дела „тешка кражба“ во куќа во периодот јануари-март 2025 година се пријавени четири (4) кривични дела и се преземаат мерки за нивно расчистување. Во истиот период се пријавени две (2) кривични дела „тешка Кражба“ во обид, од кои едно (1) е расчистено и поднесена кривична пријава против еден (1) сторител.
Во однос на кривичните дела „тешка кражба“ во куќа во текот на 2024 година е пријавено едно (1) кривично дело кое е расветлено и за кое е поднесена е кривична пријава против еден сторител. Од останатите кривични дела, во периодот јануари-март 2025 година ОВР Неготино има евидентирано четири (4) кривични дела „кражба“ во куќа и едно (1) кривично дело „кражба“ во обид“ и се преземаат мерки за нивно расветлување. Од наведените кривични дела евидентирани во периодот јануари-март 2025 година, во јануари се пријавени две (2) кривични дела, во февруари се пријавени три (3) кривични дела и во март се пријавени шест (6) кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“ во куќа. ОВР Неготино презема мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случаите, соопштија од СВР Велес.
Вики Клинчарова