Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема, но некаде ќе треба да се дообнови и досреди на што активно се работи. Ова денеска го порача министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на основното училиште „Партенија Зографски“ во Кисела Вода.
– Тие ќе се проверат, а треба да се проверат и цревата за хидрантите дали се на соодветното место и дали се исправни. Тоа е сега во тек, а во тоа голема улога имаат општините зашто со процесот на децентрализација за училиштата се одговорни локалните самоуправи, рече Јаневска. На прашање дали се предвидуваат обуки за учениците за справување со кризни ситуации како во клубот „Пулс“ во Кочани, рече дека организацијата на такви обуки е во тек.
– Во изминатите неколку денови освен што се грижевме за прва психолошка помош во кризните подрачја остварив неколку средби со Црвен крст, Меѓаши и други институции со кои се договоривме да го зајакнеме делот на образованието на учениците како да постапуваат во кризна ситуација. Се надевам нема да ни треба, но знаењето е бесценето и почнуваме да работиме и на тоа, прецизираше Јаневска.