Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на конференција во Ерусалим изјави дека антисемитизмот е „болест“ што претставува закана за сите цивилизирани општества. Тој рече дека и пред холокаустот луѓето сфатиле дека подемот на антисемитизмот во Европа им се заканувал не само на Евреите, туку и на другите цивилизации, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Денес издаваме слично предупредување, судбината на слободните општества е поврзана со нивната подготвеност да се борат против злото на антисемитизмот“, рече тој. Нетанјаху предупреди дека денес таквата „омраза повторно се појави во форма на Хамас и радикалниот ислам во Јемен, Иран, Либан и Газа“.
„На 7 октомври (2023) бевме изненадени од страшен масакр. Она што го научивме тој ден, за оние кои мораа да научат, е дека ако можеа, овие дивјачки терористи на Хамас ќе убиеја до последен маж, жена и дете“, рече тој. Нетанјаху нагласи дека Израел ги уништил непријателите, меѓу кои и Хамас и лидерот на либанската група Хезболах, Хасан Насрала.