Од Иницијативата потенцираат дека партиите имаат отворен простор на дејствување и интервенции во системот преку Собранието и дека нивните пратеници треба да се фокусираат на системски промени и конкретни решенија. Иницијативата „Кој е следен“ испрати соопштение преку кое се оградува од политичките партии во нивното делување. Тие се обратија до сите партии и порачаа дека системот против кој се борат е нивен производ. „Политички партии кои во овој момент или во минатото активно учествувале во креацијата, развојот и во одржувањето на ваквиот трул систем кој со децении ја крои и пеплосува македонската општествена реалност, не може да бидат наши сојузници. Овој систем е ваше чедо, продукт на вашите пропусти и лаги, на вашите тајни договори и намерни заташкувања. Продукт на вашето селективно изразување поддршка и на вашите постојани грешки“, наведено е во нивното соопштение до јавноста.
Оттаму потенцираат дека не сакаат поддршка и комуникација со партиите, а на ВМРО–ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН им порачуваат да повикаат на обединување, а не ширење страв, омраза и манипулации. „Ако навистина го разбирате народниот револт како што тврдите, повикајте на обединување, бидејќи тоа ни е денес најпотребно, во тој случај нема да има потреба од манипулации, пропаганда против наши членови и ширење страв и омраза, туку ќе ги искористите механизмите кои ви стојат на располагање и ќе ги остварите нашите барања – неселективно и без компромис за ‘своите’ луѓе. Ја имате сета моќ во ваши раце. Очекуваме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита и безбедност на граѓаните“, стои во соопштението. Извор: Новинска агенција МЕТА