Стотици илјади луѓе учествуваа на повеќе од 1.400 протести низ сите 50 сојузни држави на САД против претседателот Доналд Трамп и американскиот милијардер Илон Маск, кој е на чело на Одделот за ефикасност на владата (DOGE), објавија светските медиуми. Си-Ен-Ен и некои други медиуми објавија дека милиони луѓе учествувале на протестите, организирани од продемократското движење. Организаторите на демонстрациите велат дека се против, како што го нарекуваат, „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи од страна на Трамп и Маск.
Протести се одржаа во престолнините на американските држави, федералните згради, канцелариите на Конгресот, централата за социјално осигурување, парковите и градските сали низ САД. Организаторите на протестот ги поканија сите кои се противат, меѓу другото, на нападите врз демократијата, кратењето на работните места, депортацијата на мигрантите и отстранувањето на правата на ЛГБТК заедницата, да се приклучат на демонстрациите. Организаторите на протестот вклучуваат, меѓу другото, организации за граѓански права, ветерани, групи за правата на жените, работнички синдикати и групи за правата на ЛГБТК.
Од 28 март, Трамп отпуштил најмалку 121.360 вработени во федералната агенција, според Си-Ен-Ен. Според организаторите, околу 150 активистички групи се пријавени за учество на протестите. Помошникот на прес-секретарот на Белата куќа, Лиз Хјустон ги оспори обвинувањата на демонстрантите дека Трамп има за цел да ги намали трошоците за социјалното осигурување. Додека протестите продолжија низ целата земја, Трамп го помина денот играјќи голф на Флорида, според Ројтерс, пренесува Танјуг. Освен во САД, протести против Трамп и Маск се одржаа и во повеќе европски градови, меѓу кои Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон.