Падна во вода владиниот наратив дека Северна Македонија ќе има ексклузивитет во Белата Куќа. Даночните стапки потсетија дека во политиката нема пријателство туку само интереси. Соња Кеамарска. Северна Македонија сѐ уште го анализира економското значење на новите царини на САД, но за нас е исто така важно и политичкото значење на овој чекор на Белата Куќа, во услови кога нашата надворешна политика речиси сите карти ги фрли на партнерството и сојузништвото со новата администрација предводена од Доналд Трамп.
Меѓутоа економските промени што ги испорача Вашингтон на глобален план, а кои ја погодија и нашата земја покажаа дека Македонија, иако се надеваше, нема да биде „во периметарот“ на старо – новиот американски претседател Доналд Трамп. Падна во вода наративот дека Македонија ќе има некаков ексклузивитет во Белата Куќа. На удар на новите реципрочни даночни тарифи на САД се најде и Македонија, за која ќе се применува царина од 33 отсто. Нашата земја, поточно владата, попусто ги истакнуваше личните конекции со Хауард Лутник. „Добро е што како влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот а тоа е американската економија, го имаме првиот човек кој ја води најмоќната економија во светот со повеќе од 28, 29 трилиони бруто-домашен производ и убеден сум дека тоа може да донесе само позитивни вести за македонските претприемачи, но и за македонските граѓани”, изјави премиерот Христијан Мицкоски по веста дека Лутник кој претходно ја имаше посетено нашата земја е назначен за секретар за трговија на САД. Попусто личните конекции со „Господинот Царини“ : државниот секретар на САД за трговија, Хауард ЛутникПопусто личните конекции со „Господинот Царини“ : државниот секретар на САД за трговија, Хауард Лутник
Попусто личните конекции со „Господинот Царини“ : државниот секретар на САД за трговија, Хауард ЛутникФотографија: Jose Luis Magana/AP Photo/picture alliance. Денес, пак, Мицкоски вели дека новите даночни стапки биле очекувани и дека тој за нив имал информации од поодамна. „Тоа беше јасно веднаш после инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп и тој тоа го кажа“, рече тој.
Владата знаела но не презела ништо
Но прашањето кое се наметнува е зошто, ако владата знаела за планот на Трамп, не презела нешто за нашата економија подготвено да го дочека ударот? На пример, да ја намали стапката на оданочување на Македонија кон САД која изнесува 65 отсто за увоз на американски производи. Мицкоски во интервју за Алфа тв рече дека треба овдешната јавност да почека еден месец и дека ќе има изненадување. Во поддршка на тој став рече дека му предложил на Хауард Лутник, Скопје и Вашингтон да потпишат договор за слободна трговија. Посочи дека за тоа станало збор и на неодамнешната средба на шефот на дипломатијата Муцунски со американски претставници. „Од сите страни ова е поздравено како одлична идеја”, рече Мицкоски. Владата се обидува да го минимизира потегот на САД односно можните реперкусии врз земјава. Велат дека со одлуката за реципрочните даночни стапки не е одмината ниту една земја – дури ни најстарите и најтрадиционални партнери на САД. Точно е дека не е одмината ниту една земја, но Македонија помина најлошо во кругот на сиромашните земји во регионот. Косово, Албанија и Црна Гора добија царини само од 10 отсто. Само Србија и БиХ имаат нешто повисоки царини од нашата земја.

Во владиното соопштение и во оваа прилика не изостана редовниот репертоар дека „оваа ситуација е шанса за многу луѓе кои не ѝ посакуваат добро на владата да ја напаѓаат неосновано и да нанесуваат штета врз нашиот углед”. Меѓутоа нема место за малициозност туку треба да се учи на грешките.
Лажните надежи имаат цена
Професорот Трајко Славески, поранешен министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата мора веднаш да направи кост-бенефит анализа бидејќи САД оставија простор ако земјите реагираат, да се намалат царините. „Она што ни се забележува дека е трговска бариера во нашиот увоз од САД да го намалиме и со тоа да им удоволиме и тие веднаш да реагираат на царините. Мислам дека тоа е можно”, потенцира Славески. Неговиот колега поранешниот министер за финансии Кирил Миноски вели новите царини негативно ќе влијаат на економската активност на земјава, а како најпогодени ќе бидат компаниите од автомобилската индустрија. „Ќе има негативен ефект и врз БДП, врз она што се случува во слободните економски зони со оглед на тоа што најголем дел од компанииите кои што работат таму се во сегментот на автомобилската индфустрија“, предупредува тој. Фабриката „Ван Хол“ со 430 вработени може да биде меѓу најзасегнатите.

Економските последици врз сиромашна земја како нашата во секој случај не треба да се потценат било тие да се директни или како што се прогнозира, индиректни. Но и политичките аспекти исто така не се занемарување. Привидното спокојство на властите не може да го покрие фактот дека платија цена за лажните надежи и оттука, поуката што треба да се прифати е дека надворешната политика треба да се базира на реалност а не на имагинација. Премиерот сметаше дека ако владата застане зад новата администрација на Трамп тоа ќе донесе погодности за Македонија. Заблуда беше и дека американската надворешна политика се води според правилото „прв дојден прв услужен”, кога премиерот Мицкоски даваше изјави дека сме требале први треба да го заземеме просторот и да бидеме во периметарот на новата американска политика. Третата заблуда е дека Македонија ќе ги премости проблемите што ги има со соседите со вмешување на големите сили во наша корист. И во тоа е тешко да се поверува.