Европската унија е подготвена да ги брани своите интереси со пропорционални контрамерки на тарифите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по телефонскиот разговор со британскиот премиер Кир Стармер. Таа најави дека ЕУ ќе соработува со своите партнери за да ја постигне оваа цел, пренесува Ројтерс.
Фон дер Лајен истакна дека 27-те земји-членки на ЕУ се посветени на блиска соработка со Велика Британија во областа на безбедноста и одбраната и изрази загриженост за Русија, која, според неа, ги попречува мировните напори во Украина. Претседателката на Европската комисија додаде дека на 24 април во Лондон ќе се сретне со британскиот премиер Стармер по повод Меѓународниот самит за иднината на енергетската безбедност. Во саботата стапија на сила основните царини од 10 отсто за целиот увоз во САД. Од Европската унија беше најавено дека земјите-членки на тој блок во среда треба да гласаат за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум.