Со планот, меѓу другото е предвидена изградба на 9 нови згради, сите со приземје и пет ката, од кои дел се сместени на просторот каде што сега има стари куќи покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а дел покрај новата сервисна улица што треба да се пробие и која ќе го поврзува овој булевар со улицата Јуриј Гагарин. Пред жителите на Козле од утре, 7 април, на јавна анкета ќе се најде Детален урбанистички план предложен за просторот што се протега помеѓу „Алумина“ и Жданец, а ја опфаќа и околината околу основното училиште „Владо Тасевски“. Јавната анкета ќе трае еден месец, односно 20 работни дена. Тоа значи дека до 7 мај, граѓаните што живеат во опфатот на овој ДУП ќе можат да поднесуваат забелешки на предложените решенија во планот, од кои некои можеби ќе бидат вметнати во конечната верзија за која на крајот треба да се изјаснат и советниците во Советот на Општина Карпош.
Од Општината известија дека заинтересираните граѓани планот, кој ќе биде јавно презентиран на 14 април, ќе можат да го видат секој работен ден, но само во периодот од 7.30 до 15.30 часот во просториите на општината. Нема можност за увид во ДУП-от во попладневните часови што значи дека им е на располагање само на оние што не се вработени или можат во текот на денот да ги напуштат работните места, исто и на пензионерите, а останатите, за жал, нема да можат да видат што се планира на просторот каде што живеат. И јавната презентација не е овозможена за сите граѓани затоа што ќе се одржи напладне. Предложениот ДУП за Блок Ј 03.06, дел од Градска четврт Ј 03 опфаќа простор што на север граничи со транзитната магистрала булевар Македонија и сервисната улица Јуриј Гагарин, на запад со улицата Кораб, на југ улица Козле и на исток улиците Леринска, М.П. Јорданов и Јуриј Гагарин. Со планот е предвидено, меѓу другото, изградба на девет нови згради, сите со приземје и пет ката, од кои дел се сместени на просторот каде што сега има стари куќи покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, а дел покрај новата сервисна улица што треба да се пробие и која ќе го поврзува овој булевар со улицата Јуриј Гагарин. Предвидена е и една пониска зграда на приземје, три ката и поткровје од спротивната страна.
Известувањето за јавната анкета беше објавено една недела пред нејзиниот почеток, што беше протолкувано од граѓаните како добар потег на Општината, но од друга страна, реагираат на тоа што и во овој ДУП се предвидува изградба на нови згради.
До кога бетонизација? Како најзагаден град во Европа, па и свет, ни требаат паркови, зеленило, да дишеме воздух – коментира граѓанин на социјалните мрежи.
Неодамна на седница на Советот на Карпош, советниците дадоа зелено светло за два детални урбанистички планови. Едниот е за Градска четврт J 02, со просторен опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В. Зелено светло доби и ДУП за Градска четврт З 08, кои ги опфаќа населбите Карпош 1 и Карпош 2. Всушност станува збор за голем простор што се протега помеѓу булевар Илинден, улица Френклин Рузвелт и булеварите Партизански одреди и Осми септември. Интересно е дека со стручен елаборат делови од овој ДУП беа суспендирани, па планот се изгласа заедно со заклучокот со кој се задолжува Секторот за урбанизам на Општина Карпош да не издава „акти за градежните парцели 1.48, 1.49, 1.53, 2.1 и 1.39 од ДУП за Градска четврт З 08“.
Па, така, сега-засега неколку проблематични локации се спасија од изградба на згради. Една од нив е паркчето што се наоѓа на аголот помеѓу улицата Никола Тесла и булевар Партизански одреди во Карпош 2. Паркчето има петнаесетина дрва, клупи и е пријатно место за маалска дружба. Сепак, бидејќи оваа зелена површина е во приватна сопственост, општината не го уредува, клупите се стари, патеките испукани, а не е останат ниту еден детски реквизит. На местото на ова паркче според ДУП е нацртана маркичка за зграда на приземје, шест ката и поткровје. За неа, според усвоениот заклучок, нема да се издава градежна дозвола.
На времето ова беше убаво паркче, полно со деца, навечер на клупите си седеа жители од зградите. Сега е запуштено, од Општината само ја косат тревата колку да личи на нешто. Штета ако и на ова парче земја изградат зграда. Нам не ни требаат згради, ги има доволно во Карпош, зеленило ни треба и дрвја – вели жител на Карпош 1.
На минатата седница поддршка доби и Предлог-одлуката за утврдување нацрт-измена и дополнување на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15, Блок 02, а беше изгласана и одлуката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација за формирање нови градежни парцели од ГП 05.01 од ДУП за населбата Злокуќани, со опфат „А“ со намена В2 – здравство. Со овој план, всушност, се дели постојната градежна парцела.