Еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, во гостување на ТВ „21“ вечерва ги коментираше последните турбуленции во коалицијата, во која се дискутира за обединување и создавање една политичка партија.Таравари вели дека доколку партнерите од „Влен“ се обединат во една партија, Алијансата за Албанците е подготвена за соработка на локалните избори.
„Не ги сакам ултиматумите, никогаш во животот не сум функционирал со ултиматуми, напротив, тоа создава лошо чувство. Затоа што станува збор за „или прифаќаш или не“. Ако дојде до тоа, јас оставам простор за разговор, за да видиме дали можеме да најдеме заеднички јазик, бидејќи за обединување воопшто не се зборуваше во последниве 4-5 месеци. Повторно можеме да ја отвориме таа тема, ние сме подготвени да разговараме, но ако ни се каже одеднаш – следната недела решивме да се обединиме, а јас тоа не го знам, значи координацијата за обединување требало одамна да се направи“, рече Таравари. Тој додаде дека неговата партија е подготвена за соработка на локалните избори.
„Ако се обедините, тука сме како Алијанса да соработуваме со вас на локалните избори. Ако мислите дека Алијансата за Албанците не треба да учествува со вас, тогаш ќе настапиме самостојно. Подобро чесно да се обидеме, да побараме поддршка таму каде што мислиме дека треба и од оние од кои мислиме дека треба да побараме поддршка – нашата цел ќе биде како политичка партија да победиме во неколку општини“, рече Таравари.