Според неофицијалните информации кои на хрватските медиуми им ги кажале жители на селото Дарда кај Осиек, човекот кој денеска се разнесе со бомба пред локална продавница, бил секојдневно присутен пред продавницата, каде пиел алкохол, најчесто со уште еден маж, јавуваат медиумите. Истите извори наведуваат дека се работи за луѓе кои биле во тешка социјална состојба и имале психички проблеми. Инцидентот ги вознемири жителите на селото со околу 5.000 жители, а вистинско чудо е што нема повеќе повредени и загинати, зашто во моментот на местото имало повеќе минувачи, а во продавницата имало купувачи. Според сведоштвата на неколку жители, лицата што редовно престојувале пред продавницата биле добро познати во локалната заедница.
„Овие луѓе се тука постојано. Сите знаат за нив, сите гледаат, но никој не се грижи. Никој не прашува дали им треба помош. Чекавме да се случи нешто вакво за некој да реагира“, изјави жителка од околината. Во моментот на инцидентот, настава се одвивала во основното училиште кое се наоѓа на помалку од еден километар од местото на експлозијата. Според достапните информации, наставниците ги задржале учениците во училишниот објект. Очевидци наведуваат дека немало ученици во близина на продавницата за време на експлозијата.
„Наставниците веднаш реагираа. Ги задржаа децата во училиштето и не дозволија никој да излезе додека не заврши увидот. Да биле на одмор или надвор, можеше да биде многу полошо“, изјави еден од жителите кои се затекнале во близина. Полицијата продолжува со увидот на местото. Засега не се откриваат дополнителни детали за загинатиот, а не се знае ни каде ја нашол бомбата.