Еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, министерот за здравство Арбен Таравари, вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ „21“ зборуваше и за евроинтегративниот процес на Македонија и за постапката за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Тој за Мицкоски рече дека е „суперкоректен“ и дека „го радува фактот што премиерот Христијан Мицкоски има одлични односи со САД“, но во врска со уставните измени, за Таравари е проблем барањето гаранции од Брисел и Вашингтон дека тоа ќе биде последниот услов на патот на ЕУ-интеграцијата на земјава.
„Што се однесува до европските интеграции, првиот договор беше токму интеграцијата на Македонија. Мене ме радува фактот што господинот Мицкоски има одлични односи со САД, и тоа сите го знаат. Исто така има коректни односи со земјите од Европската унија. Единствениот проблем е што господинот Мицкоски бара некаква гаранција дека ова ќе биде последниот услов. Ако може да се најде решение за таа гаранција, која треба да ја дадат Брисел или Вашингтон… Мицкоски вели: „Да ги направиме уставните измени, бидејќи ги имаме бројките, но нивната примена да биде откако ќе станеме членка на ЕУ, затоа што тогаш веќе нема да може Македонија да се условува’,“ рече Таравари појаснувајќи дека ова не го гледа како условување на ЕУ од страна на Мицкоски.