Економистот и универзитетски професор Марјан Петрески вечерва во гостување на ТВ „24“ рече дека е потребно Владата да разговара со претставници од странските компании во технолошко-индустриските зони кои произведуваат автомобилски делови и ќе бидат засегнати од новововедената висока царинска стапка за извоз од Македонија во САД, па според тие разговори, да направи стратегија по која ќе знае кои чекори треба да ги преземе. Професорот вели дека, во врска со царините, сето она што ќе се одрази во Германија, ќе се одрази и кај нас.
„Опасни се тие ефекти, особено намалувањето на побарувачката во САД. Што ќе се одрази во Германија, ќе се одрази и кај нас, особено во странските фабрики. Владата тука не може многу да стори, но може да разговара со претставници од овие фабрики кои се во зоните и да ги слушне нивните видувања за тоа како тоа ќе се одрази и да се направи стартегија за тоа како Владата да се прилагоди и што да преземе“, рече тој. Професорот објасни и дека разликата во податоците за трговската размена кои ги имаме во земјава и оние кои беа презентирани од американската администрација – не е грешка.
„Не мислам дека е грешка, туку се должи на разликата во методологијата на опфат и разликата произлегува од автобусите – ние ги извезуваме кон САД де факто преку Белгија, а САД ги сметаат како увезени од Македонија. Тие тргнуваат од нивниот дефицит спрема другите земји. Директните ефекти за Македонија се мали бидејќи нашиот уделот на извозот во САД во вкупниот извоз е околу 1%. За нас е битно што ќе излезе од преговарањето бидејќи ќе бидеме засегнати индиректно“, додаде проф. Петрески.