Српскиот претседател Александар Вучиќ го предложи за мандатар на нова влада – Ѓуро Мацут. Мацут, кој доаѓа од редовите на владејачката СНС по професија е лекар ендокринолог и редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград. Одлуката да го назначи Мацут за премиер, српскиот претседател Вучиќ ја образложи со своето лично уверување дека има професионални и лични квалитети, посветеност и стручност за извршување на функцијата премиер и дека го уверил дека може да го обезбеди изборот на новата влада.
Со објавувањето на името на мандатар за новата српска влада паднаа во вода шпекулациите дека можеби актуелната власт на претседателот Вучиќ ќе дозволи формирање на преодна влада, главно барање на студентите што беа на блокади и на српската опозиција. Вучиќ беше дециден дека новата влада нема да биде преодна туку политичка, иако остави простор, размислувајќи дали новиот мандатар ќе биде за експертско или за политичко решение.
Со назначувањето на Мацут, оваа дилема е разрешена, и сега се поставува прашањето, како ќе реагираат студентите и демонстрантите кои повеќе од четири месеци секојдневно протестираат низ улиците на српските градови. Претходно студентите и опозицијата бараа формирање на влада во која премиер би бил актуелниот ректор на белградскиот универзитет и професори од катедрите на српските факултети, како и претставници на студентите, кои пак би ја подготвиле земјата за вонредни избори.
Сега кога е јасно во која насока оди политиката на Вучиќ, останува нејасно како ќе реагираат студентите и демонстрантите на оваа одлука и ова кадровско решение на српскиот претседател. Она што досега е познато е дека дел од студентите и опозицијата се закануваат со радикализација на протестите, кои се состојат од бојкот на наставата низ српските факултети и училишта. Дополнителна тензија претставува и најавенииот голем собир организиран од владејачката Српска напредна странка за оваа сабота, каде, како што е најавено, целта е да се покаже колкава доверба во народот ужива актуелниот претседател Александар Вучиќ.
Во однос на новиот мандатар, веќе се појавија критики дека тој не е професионален политичар ниту економист, и останува дилемата по кој аршин бил предложен како личност чија влада, како што потенцираше Вучиќ, би ја извадила државата од политичката криза. Инаку, српската влада беше распуштена откако премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка од таа функција на крајот на јануари, по напад врз студенти во Нови Сад. Српскиот Парламент на 19 март ја констатираше оставката на Вучевиќ, со што падна актуелната влада на Србија.
Целата анализа за актуелните вести во светот во видеото погоре во текстот