Годишно на светско ниво околу два милиони луѓе заболуваат од колоректален карцином. Половина од нив умираат. Колку заболени има во Македонија? Кои се симптомите? Кога е вистинското време да се побара совет од лекар? Одговор побаравме од доктор Тони Јосифовски, шеф на Одделот за хирургија во приватната болница „Аџибадем-Систина“. Докторот вели дека иако нема солидна статистика последниве 20 години, инциденцата на новозаболени, новооткриени пациенти во Македонија, на годишно ниво е преку 600 до 700, што е голема бројка.
– Ако се вратиме во минатото, пред 30-40 години, тоа била болест на стара популација. Пациенти коишто имале повеќе од 70 години биле главно заболените од карцином на дебело црево. Денес бројката на новозаболени е многу зголемена кај помладата популација – популација под 40 години. Ние во нашата болница сме лекувале пациентка којашто на 19 години имала докажан карцином на дебело црево – вели Јосифовски.
Тој објаснува дека кога ќе се појават симптомите, кај половина пациенти, болеста е веќе во напредна фаза. Најчести симптоми се крвавење, тешкотии во празнење, слабокрвност.
– Најголема грешка во процедурата е дека најчесто пациентите крвавењето го поврзуваат со хемороиди. Но не може да лекувате хемороиди без да направите преглед. Гледавме статистички дека ако тие пациенти биле прегледани, барем тројца од нив немало да имаат операција која ќе заврши со трајна кеса. Скоро 30 отсто од пациентите што се јавуваат се веќе во фаза на напредната болест или далечни метастази – вели Јосифовски.
Тој објаснува дека колоректалниот карцином, ако на време се открие, е болест која може успешно да се лекува и петгодишното преживување на тие пациенти е поголемо од 90 проценти.
– Карциномот на дебело црево не доаѓа преку ноќ. Првиот предзнак се формирани израстоци во дебелото црево, полипи. За да стане малиген треба да поминат 4 до 6 години. Значи има сосема доволно време да се превенира. Во однос на заболувањето, болеста е позастапена кај мажите, отколку кај жените – вели Јосифовски.

Причините треба да се бараат во употребата на алкохол, никотин, но и стресогени фактори, брзиот начин на живеење. Во европските држави поголем е бројот на заболени, за сметка на тоа во африканските држави бројката е мала, 5 до 6 пациенти на 100 илјади лица. Докторот вели дека тоа зависи од типот на храната, од начинот на живеење.
– Хируршкото лекување на карциномот на дебелото црево претставува златен стандард. Типот на операцијата зависи од локацијата на самата болест. Најделикатно и проблематично претставува оперирањето на завршниот дел на дебелото црево, што го викаме ректум. Колку е понизок карциномот на ректумот, колку е поблизу аналниот канал каде што се свинктерите, коишто главно се одговорни за држењето на столицата, така се планираат операциите – вели Јосифовски.
Тој вели дека 3-5 пациенти годишно во Македонија не би имале кеса ако карциномот бил дијагностициран на време. Околу 30% од пациентите со докажана болест имаат далечни метастази. Дури 35% до 45% од пациентите завршуваат фатално во првите пет години.
– Преживувањето зависи од стадиумот на болеста во кој е откриен. Ако пациентот е откриен во стадиум на болест 1, самата операција значи и комплетно излекување, кај нив практично не очекуваме во наредните години да има враќање на болеста. Со тоа што, тој пациент е должен да ги слуша советите на хирургот и да оди на дополнителни контроли. Најчесто се прават контроли во првите две години трипати годишно, а понатаму до петтата година се прават два пати годишно – вели докторот.
Тој вели дека постојат тестови кои можат да се направат и во домашни услови за да се утврди окултно крвавење, но има тестови и во лаборатории во болници.
– Тоа се таканаречени генетски тестови, каде што маркерот го каптира мутантниот ген од изметот, што се ослободува од туморските клетки, што на некој начин е поголема сензитивност на тој тест. Меѓутоа, секогаш е многу битна превенцијата, превентивните колоноскопски прегледи – вели докторот.