Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат потврди дека украинските војници активно дејствуваат во рускиот регион Белгород додека се обидуваат да ги заштитат украинските градови во близина на границата со Русија. Ројтерс потсетува дека украинските војници сè уште се во некои делови од другиот руски пограничен регион Курск, кој го нападнаа пред осум месеци, иако руските сили веќе вратија дел од територијата што ја загубија во таа област.

ЕPA-EFE/
Британската агенција пренесува дека Зеленски, во своето редовно ноќно видео обраќање до нацијата, изјавил дека генералот Александар Сириски, врховен командант на украинската армија, му рапортирал за ситуацијата „на линијата на фронтот, и за украинското воено присуство во регионот Курск и присуството на украинските сили во регионот на Белгород“.
– Продолжуваме со активни операции во пограничните области на непријателот и тоа е целосно оправдано. Оваа војна мора да се врати таму каде што започна. Нашата главна цел останува иста: да ја заштитиме нашата земја и нашите заедници во регионите Суми и Харков од руските окупатори – рече Зеленски.
Тој потоа додаде дека операциите во регионот на Белгород ги изведува 225-от јуришен полк на украинската армија и ѝ честитал на таа единица за задачите што ги завршила. Западните агенции претходно јавија дека пред една недела украински тенковски единици и оклопната пешадија извршиле инвазија на западната граница на Русија во регионот Белгород.

ЕPA-EFE/
Киев пост потоа објави тврдења на официјални лица и независни медиуми дека украинските сили успеале да преземат контрола и да задржат скромна, но безбедносно чувствителна територија на Руската Федерација во рок од 96 часа и покрај контранападите на руските копнени сили. Се наведува дека нападот најпрвин го предводела украинската лесна пешадија, која напредувала низ шумите и полињата и стигнала до селото Демидовка, кое се наоѓа на околу пет километри во руската територија. Москва веднаш реагирала и во селото биле испратени специјални единици, но Украинците, според извештаите од теренот, успеале да ги задржат своите позиции. Овој упад се случи една недела откако украинската армија речиси целосно го напушти делот од регионот Курск, уште еден руски прекуграничен регион што го нападна во август минатата година, со големина на Луксембург.

ЕPA-EFE/
Извештаите за тоа колкаво е окупираното подрачје беа различни во зависност од тоа дали тие доаѓаат од украинска или од руска страна. Рускиот провладин блогер Генадиј Алехин напиша дека украинското напредување ја претворило областа од меѓународната граница до селото Демидовка во „огромна сива зона“ и дека во самото село се водат борби за секоја куќа.
– Населбата (Демидовка) е под украинска контрола. Руските сили се повлекоа од областа, дозволувајќи му на непријателот да ја окупира. Освен тоа, Украинците ги отстрануваат мините и „змејските заби“ (противтенковски бетонски бариери) на границата. Руските сили сега вршат контранапад на населбата – пишуваат останатите руски воени блогери.