По повод Меѓународниот ден на Ромите, Институтот за истражување и политики – Ромалитико, во партнерство со шведската развојна организација We Effect и со поддршка од Амбасадата на Шведска во Скопје на 8 Април, го организираше настанот „Премостување на јазот: од обука до вработување“. Настанот се одржа во Ресурсниот центар за граѓанско општество и се фокусираше на зголемување на пристапот на ромската заедница до пазарот на трудот преку стручна обука и директна поддршка. На самиот настан најпрво се обрати извршниот директор на Ромалитико, Елвис Шаќири, кој истакна дека преку обуките за негуватели и инсталатери на фотоволтаични системи, 95 Роми успешно се обучија. Тој порача дека „бројките не се само статистика – тие се приказни на индивидуална мотивација и колективен успех“.
Шефот за развојна соработка при Амбасадата на Шведска, Микаел Атерхог, истакна значењето време е да го обновиме нашиот ангажман за иднина во која сите ќе имаат отворени можности, каде ќе се рушат бариери и каде секој ќе има шанса да го достигне својот целосен потенцијал. Нагласувајќи дека “Шведска е горда што стои рамо до рамо со партнери како Ромалитико и WeEffect, кои ги претвораат зборовите во дела и создаваат можности кои го менуваат животот“. Катерина Шојиќ, претставничка на канцеларијата на We Effecт, ја потенцираше важноста на партнерството со Ромалитико и резултатите постигнати во рамки на проектот, нагласувајќи дека насловот на самиот настан не е само фраза, туку суштинска визија за тоа како создаваме општество каде што секој човек има можност да ги оствари своите потенцијали“.
Проектниот координатор Дениз Селмани кој ги презентираше досегашните резултати од интервенцијата истакна дека досега сега се мапирани 786 невработени Роми, од кои 392 изразиле интерес за учество во обуки, а 95 завршиле обука. Како еден од клучните постигнати резултати кој е постигнат беше споделено успешното посредување на вработување на 70 лица. Интеграцијата на овие лица во формалната економија не само што ги подобрува приходите на нивните домаќинства туку служи и како показател за капацитетот на ромската заедница да придонесе значајно на пазарот на трудот. Присутните имаа можност да ги слушнат Муарем Шакировски фацилитатор за економски развој вклучен во проектот, кој раскажа за предизвиците со кои се соочуваат при работата на терен. Инспиративните сведоштва споделија и Амина Бајрактарова од Делчево и Нури Дервишовски кои беа вклучени во обуките.