Министерството за образование и наука потпиша меморандум за соработка со МЕН ЕНД МАУНТ, креатор и организатор на проектот „Зелена Сончева“ во чии рамки се реализираат повеќе еколошки акции на годишно ниво. Воспоставеното партнерство подразбира меѓусебна поддршка на активностите за поттикнување на еколошката свест и акции за заштита на животната средина. Еден од поуспешните настани во изминатиот период е акцијата за собирање и селектирање отпад „Генералка викенд“. Оваа година, настанот ќе се одржи од 9 до 11 мај и ќе биде поддржан од Министерството за образование и наука преку поголема вклученост на училиштата, односно учениците и училишниот персонал.
Согласно потпишаниот меморандум, во период од 3 години преку взаемна соработка ќе бидат спроведени и повеќе други проекти од областа на животната средина, циркуларната економија и управувањето со отпадот, како дел од образовните активности во основните и средните училишта во државата. Стекнувањето свест за влијанието на човековите постапки врз околината, од рана возраст, гради одговорни граѓани кои доживотно ќе имаат позитивен однос кон животната средина. Ова партнерство ќе придонесе кон остварување на посочената цел.