Деновиве, благодарение на МВР и на Обвинителството, дојдовме до сознание за потенцијално кривично дело примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп на Клиниката за геријатрија. Самото по себе, ова не е вест што во денешно време би предизвикала големо изненадување (секојдневно слушаме вакви нешта) но кога по нашето истражување дојдовме до извесни детали дека станува збор за случај во кој е извршен обид за злоупотреба на крајно немоќно лице, неподвижно, без родители но со значителен имот, на кој некој „фрлил око“ за да го смести во болница каде по закон му следува сместување, тогаш текот на нештата стануваат тешко сварливи и разбирливи за просечен граѓанин на нашата земја. Од таму и нашето посебно внимание врзано за овој случај.
Поради предистражните дејствија кои се во тек, не бевме во можност да откриваме детали а со цел да не ја загрозиме наведената постапка, но ова до што се дојде во прелиминарните разговори со некои од актерите на овој настан, може да се опише како девети круг на пеколот. Имено, безизлезната состојба на неподвижен пациент била основа за обид за нејзина злоупотреба на начин што од лице по пат на уцена било барано препишување, подарување на имот и слични празни правни форми за трансфер на имот на наведениот пациент а за возврат – пациентот да биде хоспитализиран, за што постои обемна медицинска документација од разни здравствени установи дека било потребно!
За ова се огласи и Јавното обвинителство со соопштение дека тој орган донел нареба за спроведување на истражна постапка, кое ние го објавуваме во целост. Се отвора прашањето дали е ова единствената пациентка која болничкото место го добила со претходни уцени, или пак ова е класичен начин на делување во оваа јавна здравствена установа, во која речиси секогаш листата на чекање е поголема од 100 пациенти. Дали не е време за голема истрага за целокупниот начин на хоспитализирање во оваа болница низ годините? За поздравување е транспарентноста и искрената желба и заложба на МВР и на Обвинителството вакви и слични настани да бидат недозволиви, односно санкционирани. Сакаме да веруваме во правниот поредок и правдата што од него проилегува. Нашето општество не смее да дозволи трговија со основните човекови права и дигнитет на најранливите. Ги охрабруваме нашите читатели да пријавуваат вакви и слични состојби кај истражните органи, но и да ја информираат нашата редакција која будно ќе ги следи истите. Од некаде мора да се почне!