На оваа фирма досега ѝ беше отстапен простор во новата општинска зграда која, како што знае јавноста, е во изградба. Неколку месеци претходно и самата фирма беше информирана од страна на Општина Карпош дека напролет ќе треба да ја напушти оваа локација поради неопходната потреба да се ослободи простор за завршните градежни активности во самата зграда, објаснуваат од Карпош. Во зградите во Карпош и Центар, каде што во изминатите неколку години беа поставени канти за примарна селекција на отпад, граѓаните повеќе нема да можат да ја користат оваа услуга. Социјалното претпријатие за постапување со неопасен отпад „Реди рециклажа“ информираше дека ги прекинува своите оперативни активности во овие две општини поради административни околности, а дека поставените канти ќе бидат повлечени до крајот на оваа недела. Општина Карпош побара ослободување на просторот што „Реди рециклажа“ привремено го користеше во согласност со Меморандумот за соработка. Поради недостиг на соодветен временски период за пронаоѓање алтернативна локација, приморани сме да ја суспендираме нашата бесплатна услуга за примарна селекција на отпад во овие општини – соопштија од претпријатието.
Всушност, станува збор за тоа што „Реди рециклажа“ повеќе не може да го користи логистичкиот простор што служел како заеднички оперативен центар за општините Карпош и Центар и каде што привремено се складирал селектираниот отпад, пред тој да биде пренесен до преработувачите. Во образложението на својата одлука за прекинување на активностите до Општина Центар, од претпријатието им посочиле дека укинувањето на центарот во Карпош ја оневозможил реализацијата на активностите и во Центар, вклучително и редовната бесплатна услуга за примарна селекција на отпад како што е пластика, хартија и електронски отпад, која ја нуделе на жителите и на деловните субјекти.

Но, од Општина Карпош тврдат дека фирмата била навреме известена дека треба да го напушти просторот во новата општинска зграда. На оваа фирма досега ѝ беше отстапен простор во новата општинска зграда која, како што знае јавноста, е во изградба. Неколку месеци претходно и самата фирма беше информирана од страна на Општина Карпош дека напролет ќе треба да ја напушти оваа локација поради неопходната потреба да се ослободи простор за завршните градежни активности во самата зграда. Според планираната динамика на активностите, се очекува зградата да биде завршена до јуни, за да може да се пресели целата општинска администрација – објаснуваат од Карпош. Оттаму додаваат дека, за жал, Општината во моментот нема на располагање друга локација што би била погодна за потребите на „Реди рециклажа“. Ова претпријатие започна со работа во 2021 година и своите услуги досега им ги нудеше на жителите во Карпош, Центар, Аеродром и Кисела Вода. Во зградите и деловните објекти на заинтересираните граѓани и фирми им поставуваше канти за селектирање пластика и хартија, а отпадот потоа редовно се собираше со еколошки возила од собирачи на претпријатие.
Сега карпошани и центарци остануваат без оваа услуга, а активностите продолжуваат во Аеродром и во Кисела Вода. Повеќе од 20.000 граѓани секојдневно придонесуваа кон почиста и поодржлива животна средина преку нашите услуги. Свесни сме за влијанието на овој прекин врз граѓаните. Последниве денови добиваме многу јавувања и прашања во врска со укинувањето на услугата. Искрено жалиме што не можевме да обезбедиме континуитет и уверуваме дека сите наши напори се насочени кон пронаоѓање ново решение – велат од „Реди рециклажа“. Оттаму објаснуваат дека одлуката е надвор нивна контрола и засега не се во можност да ја продолжат услугата што со години ја граделе со многу труд, доверба и заедничка грижа со граѓаните за животната средина. Ви благодариме за поддршката и за секое парче отпад што го оставивте со добра намера. Искрено се надеваме дека ова е само пауза, не крај – напишаа меѓу другото од „Реди рециклажа“ на Фејсбук, објаснувајќи им ја својата постапка на граѓаните од двете општини.