Јавниот линч кој му се вршеше на пејачот Васил Гарванлиев од Струмица, кој беше македонски евровизиски претставник во 2020 (шоуто беше откажано поради пандемијата со Корона вирус), односно во 2021 година, периодов се спроведува врз хрватскиот евровизиски претставник Марко Бошњак.
Причината и во двата случаи е истата, нивното јавно откривање на сексуалната определба, односно одбивањето да кријат од јавноста дека се хомосексуалци.
Кога пред четири години Гарванлиев во интервју пред одржувањето на Евровизија отворено раскажа дека е геј, се најде на мета на хомофобијата во земјава, и со месеци беше навредуван и напаѓан на социјалните мрежи. Му се упатуваа дури и закани по живот, кои тој ги издржа стоечки, за да потоа замине во Америка. И денес живее таму, заедно со неговиот партнер, и работи во областа на музиката. Во периодот кога беше напаѓан и критикуван од сите страни, тој имаше 36 години. На хрватскиот евровизиски претставник Бошњак пак, хајката му се случува на само 21 година. Откако на фестивалот Дора беше избран да ја претставува земјата на Евровизија 2025, тој за медиумите откри дека не сака да живее во лага и одбива да го крие фактот дека е хомосексуалец. По неговото признание следеше бура од хомофобични напади на социјалните мрежи, по што беше покрената неформална активистичка иницијатива, за негова поддршка. Се објави отворено писмо кое бројни граѓани го потпишуваат онлајн, давајќи му ја својата поддршка во тешкиот период.
– Марко се соочува со бура од хомофобична омраза, исклучително поради тоа што одбива да го крие фактот дека е геј. Му даваме потполна поддршка во неговата желба да живее слободно и во вистина. Неговата храброст треба да им биде пример на сите во Хрватска, наведено е во отвореното писмо, во кое се повикуваат надлежните институции да ги процесуираат сите закани кои му биле упатени на Марко. Исто така, се бара од сите актери на хрватската политичка и јавна сцена, да ја осудат хомофобичната хајка против младото момче. Официјални податоци околу тоа дали се покренати соодветни постапки против лица кои користеа говор на омраза и поттикнуваа насилство врз пејачот, се уште нема. И во случајот со Васил Гарванлиев, кога отворено му се упатуваа закани на социјалните мрежи, немаше податоци за евентуални пријави против било кој заканувач. Инаку, Бошњак ќе ја претставува Хрватска на Евровизија во Базел со песната „Отровна торта“ (Poison Cake). Во регионот го привлече вниманието на јавноста на свои 11 години, кога беше учесник во популарното талент шоу „Ѕвездичките на Пинк“.
Вики Клинчарова