Како да ја направиме ЕУ повторно силна кога се соочува со низа предизвици како на безбедносен, така и на економски план? На оваа тема на Универзитетот Скопје, дебатираа амбасадори, министри и професори, во присуство на почесниот гостин министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока кој одржа и предавање пред студентите. Заменик- министерката за европски прашања, доц.д-р Викторија Трајков рече дека сите ние би требало да ја направиме Македонија повторно силна за сите граѓани, кои заслужуваат европски живот. ,,Новата Влада донесе промени, но промени на подобро. Со сите наши капацитети и потенцијали се вложивме за да ги зацврстиме нашите позиции, нашите пријателства и да обезбедиме нови партнерства. Со Унгарија негуваме долгогодишно пријателство, кое се темели на идејата за создавање на силни и економски просперитетни општества. Токму со помошта на Унгарија успеавме да ги совладаме тековните предизвици и да помогнеме во заздравување на македонската економија” порача заменик-министерката Трајков.
Таа упати искрена благодарност до министерот Бока за помошта преку унгарскиот кредит, со кој што се помага во развојот на општините, компаниите, а со тоа и на нашата држава да оди напред. ,,Наш врвен приоритет е реализацијата на европската агенда и имплементација на реформите со што ќе го олесниме пристапниот процес во ЕУ. Унијата од нас очекува конкретни резултати. А, за да ги исполниме нашите задачи и да станеме час-поскоро дел од европското семејство, мораме да го вложиме нашиот целокупен човечки и институционален потенцијал”рече заменик-министерката Трајков. Предавањето на министерот за европски прашања на Унгарија, побуди голем интерес и кај медиумите, но и кај студентите кои слушнаа интересни пораки и приказни за патот на Унгарија до европското семејство.